Скопје е пренаселено, густо и невкусно нафрлано со застрашувачки градби

За писателoт Веле Смилевски приближно убавата слика на Скопје за која сите копнееме, дефинитивно е изгубена. Се што може да се направи, а треба многу да се направи, ќе биде само ублажување на последиците…

Кога ќе кажете Скопје кои мисли и слики Ви се појавуваат?
– Кај мене тие слики и мисли се меѓу реалното и апстрактното, меѓу стварноста и визијата, за тоа какво е Скопје и какво треба да биде. Не можам и не сакам во Скопје да ги барам карактеристиките и убавините на градовите од светот од кои сум бил воодушевен. Мојот град може да биде мој во вистинска смисла на зборот со она што тој бил и е, што е негова традиција и специфика, негов идентитет. Во таков град јас можам да бидам свој и својски да живеам. За жал, работите длабоко се забраздени во погрешна насока.

Кое Скопје го сакате повеќе: ова сегашново или тоа од порано?
-Од Битола дојдов да студирам во Скопје во 1968 година, време кога градот живееше со полетот на обновата со која се забораваа лузните од големата трагедија. Но подоцна работите тргнаа во погрешна насока. Со право писателот Димитар Солев жалеше за предземјотресно Скопје за кое на едно место напиша дека него го збриша, од една страна земјотресот, а од друга страна прогресот. Ова Солев не го рече од потреба да каже дека стихијата не доаѓа само од надвор, од некои непознати апокалиптични сили, туку и од внатре, од самиот човек кој забрзан во трката за материјални добра, за профит, очајно го дехуманизира својот животен простор. Ова денеска го доживувам како предзнак за катастрофата што ни се случуваше последниве децении.

Со што најмногу се гордеете во градот?
-Се гордеам со луѓето со позитивна мисла и енергија. За среќа, нив ги има многу.

Преголемо ли е Скопје за вас, треба ли да расте или да се намали?
-Скопје е редок пример на град – држава, се разбира, во преносна смисла на зборот. Градот веќе со децении неконтролирано се зголемува со жители и дејности и тоа контрапродуктивно влијае на стандардите за негово нормално функционирање. Градот е пренаселен, густо и невкусно нафрлан со застрашувачки градби, без естетика и чувство за хуман пристап во планирањето. Во градот не е соодветно решена сообраќајната циркулација, со што тој често е буквално парализиран. Во развојот на Скопје изгубено е чувството за простор. Во овој неконтролиран и насилнички бран на рушења и градби, што долго трае, Скопје ја (из)губи својата физиономија.

Во какво Скопје сакате да живеете?
-Факт е дека приближно убавата слика на Скопје за која сите ние копнеевме, дефинитивно е изгубена. Се што може да се направи, а треба многу да се направи, ќе биде само ублажување на последиците што ги остави политиката, урбаната мафија и волунтаризмот на (не)одговорните институции и функционери. Сепак, човек копнее по убавото и настојува да го открива тоа. Јас сакам да живеам во Скопје со пешачи зони, со велосипеди, со зеленило, со паркови, со здрави жители, со книжарници и библиотеки, со редици пред касите на кината и театрите, со настапи на улични уметници, со Водно, Матка, Скопска Црна Гора, градскиот парк со кејот, Калето… Оваа идеалистичка слика на Скопје сега ја гледам прелиена со сивило.

Што Ви недостасува во градот, а што би одзеле?
-Во Скопје, пред се, недостасува воздух! Како да се помириме со фактот дека живееме во најзагадениот град на светот? Ова прашање упатува на уште едно: Кој е виновникот за ваквата состојба, дали сме тоа ние, обичните граѓани, или граѓаните што се на одговорни функции или причините да ги бараме во природниот фактор. Упатените мошне прецизно можат да одговорат за процентот на смртноста на годишно ниво од загаденоста. А тоа зборува дека ние веќе живееме во убиствена или самоубиствена атмосфера. Тоа е трагично, со далекусежни последици!