Скопје го поселанчија до крај, но не селани туку баш сељаци

Роден скопјанец, од Мичурин, нашиот познат одбојкар, Дарко Ангеловски, смета дека многу промени на полошо му се случиле на Скопје кое го сака многу и со кого се гордее…

Кога ќе кажете Скопје, кои мисли и слики Ви се појавуваат?
-Кога зборувам за нашето убаво Скопје мислам на нешто посебно, некоја посебна убавина и дух кој тешко друг град го има, мислам на право место за живеење од утро па до зори. А како слика, ми се појавува Камениот мост со глетка кон старата Скопска чаршија пред да биде изградено до овој степен.

Кое Скопје го сакате повеќе: Ова сега или тоа од порано?
-Разликата е што јас растев во еден понов град со некој друг дух различен од оној на нашите родители што си го обожаваат токму старото Скопје. Искрено, си го сакам повеќе Скопје во кое пораснав, со убавите зелени дрвја, со убавите ниски куќички што беа симбол на некои скопски маала, Градскиот парк. А ми недостасува и елката на плоштадот.

Скопје и скопјани даваат и плаќаат, но дали институциите и градоначалниците доволно му даваат на градот?
-Одговорот мој е не. Баш ништо не пружаат за градот. Даваат само некоја лажна надеж на скопјани дека ќе биде подобро во секое поле. Тие буџовани ветуваат брда и планини, а на крајот, кога ќе видиме, се е контра. Да не зборувам за сечење на дрва низ целиот град, Водно го изделкаа и го изрезбаа баш за непотребно работи. Го загушија градот со згради, кејот го направија градилиште, Вардар, река јадна, маки си трга само. Институциите велат приоритети има, ама за смешни проекти. Градот не дише, ама баш не дише. Се труеме, живееме во магла… А за подобро треба само така наречениве „татковци на градот“ да работат како за свој двор, а не за свој ќар.

Дали Вие доволно му дадовте на градот?
-Цел живот се дава за Скопје. Како спортист, одбојкар, и како скопско дете давам се што може. Гордост е да кажеш дека си баш од Скопје, а гордо е и да кажеш кога си баш од едно скопско маало – Мичурин. Се надевам дека и младите гледаат и учат каква почит му давам на Скопје.

Со што најмногу се гордеете во Скопје?
– Се гордеам со името Вардар, не само како река туку како едно големо име во спортот. Сеедно дали е фудбал, ракомет, одбојка, куглање, карате…Се што е под името Вардар ме прави да сум горд. Се гордеам и со тоа дека и јас сум од Скопје.

Преголемо ли е Скопје за Вас, треба ли да расте или да се намали?
-Градот не е толку голем колку што е неплански граден. Скопје го поселанчија до крај, но не селани туку баш сељаци.Се наполни градов. Тоа е она што треба да се одземе од градот, покрај фабриките што не загадуваат. Недостасува зеленило низ целиот град и тоа треба да се врати. Лично, да сум татко на градот би забранил да се градат нови згради.

Во какво Скопје сакате да живеете?
-Кратко и јасно ќе кажам – треба чисто Скопје. Звучи како да се враќаме некој век наназад, но реалноста е таа. Полни сме со шлајм во градот.

Што Ви недостасува во градот, а што би одзеле?
-Недостасува чистота, недостасуваат убавите насмевки на лицата на скопјани од моето детство, недоставува култура. Бон – тонот како да пропадна во земја. За одземање има баш многу. Прво би ги тргнал сите моторни возила што се движат на планината Водно, а местото би го направил само за рекреација. Второ, би ги одземал автомобилите постари од десет години да се намали загадувањето. И уште едно, на граѓаните би им ги вратил објектите од јавен карактер кои им припаѓаат, а сега се во рацете на моќни бизнисмени.