Скопје одново меѓу десет најзагадени градови во светот

Македонската метропола и утрово се најде меѓу десет најзагадени градови во светот. Ова го покажува утринското рангирање на Скопје кое во 9 часот беше 9-ти најзагаден град на планетава. Индекс на загаденост е 166,  а кој означува дека воздухот во градот е нездрав за дишење. Најприсутни се отровните ПМ2,5 честички чијашто застапеност во воздухот е 84,4 микрограми.

Од друга страна, официјалните мерни станици на Министерството за животна средина веќе неколку дена не собираат податоци за загадувањето низ Скопје. Од 24 декември недостасуваат податоци за пет од шесте станици на Министерството, а нема податоци ниту за мобилната мерна станица во Ѓорче Петров. Единствено функционира мерната станица во Гази Баба, каде на мерењето во 8 часот беа регистрирани 114 µг/м3 ПМ10 честички.

Градските власти вчера попладне воведоа бесплатен автобуски превоз како мерка за заштита од високото загадување.

-Согласно соопштението од Министерствтото за животна средина и просторно планирање за надминување на прагот на алармирање на суспедндирани честички со големина до 10 микрометри, се активира мерката бесплатен јавен превоз. Мерката започнува да се применува од 26.12.2022 па сеж до завршување на алармантната состојба, што ќе биде објавено од надлежното Министерство согласно резултатите од државниот мониторинг систем за квалитет на амбиентен воздух, велат од ЈСП.

Од Град Скопје се уште не соопштиле дали на сила стапуваат и другите мерки кои се во нивна надлежност, како што е дупло поскап паркинг, прекинување на градежни работи кои ги врши Градот, зачестени инспекциски контроли и слично.

Владата во саботата донесе мерки и препораки за заштита на здравјето на граѓаните согласно информацијата на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), дека квалитетот на воздухот во Скопје, Кичево, Кавадарци и Струмица последователно два дена е надминат над законски пропишаниот миниумум, односно 150 μг/м3 среднодневни концентрации на ПМ10 честички. Поради намалување на загадувањето мерките вчера попладне беа укинати во Гостивар, Кичево и Кавадарци.

Претходна вестСончево со малку облаци и утринска магла
Следна вестКазнети 124 возачи во Скопје, тројца поминале на црвено…