Скопје се претвори во град на нереален елитизам каде преовладува интересот

За Слаѓана Тасева, првиот човек на македонската „Транспаренси Интернешенл“, Скопје е  наш град кој сите подеднакво треба да го сакаме и да се грижиме за него.

Кога ќе кажете Скопје, кои први мисли и слики Ви се појавуваат?

– Не сум родена во Скопје. Градот го запознавав со секое мое доаѓање, најмногу од времето кога студирав. Тоа се сеќавања на Старата чаршија каде сакавме да се собираме, стариот мост и старата автобуска станица. Убавите моменти во градскиот парк и неговите ресторани, прошетките на кејот и плоштадот, ГТЦ и стоковната куѓа, добрата забава и насмеани лица подготвени за дружење и заедништво. Некако тоа Скопје беше традиционално и нормално, луѓето меѓусебно се почитуваа и поттикнуваа.

Кое Скопје го сакате повеќе, ова сега или тоа од порано?

Тоа од порано. Од секој аспект. И архитектонски и човечки. Беше отворен за тие што сакаат да работат и да напредуваат, тогаш градот беше слободен и отворен за идеи и размена на различни искуства. Денес Скопје се претвори во град на нереален елитизам каде надвладеа и преовладува интересот, каде луѓето не се искрени во комуникацијата, каде постои лицемерие кое те прави недоверлив. Кога си недоверлив и неслободен и чувството за градот се претвора во не толку пријатно чувство.

Скопје и скопјани даваат и плаќаат, но дали институциите и градоначалниците доволно му даваат на градот?

На Скопје му треба дух на заедништво, на припадност на сите кои живеат во Скопје. Улиците се валкани затоа што луѓето ги валкаат, клупите се искршени затоа што младите ги кршат, а постарите тоа само го гледаат, контејнерите се нечисти затоа што луѓето се несовесни. Што можат овде да направат градоначалниците и институциите? Тие треба да придонсесат кон менување на свеста. Но тие не се грижат за граѓаните, тие се грижат за политиката и за изборите. Таа неискреност се препознава и води кон неискреност од граѓаните. Треба да се менува свеста и да се гради духот на припадност во овој град.

Дали Вие доволно му дадовте на градот?

На скопјани сакам да им го пренесам чувството на отвореност и космополитизам, но тие не го прифаќаат. Се ставаат на пиедестал. Од тој аспект поубаво се чувствував во Кабул или во Охрид отколку во Скопје. Се уште се случува некој од соседите да ми ја изгребе колата од само нему позната причина. И не само мојата… На градот му ги давам моето знаење и искуство од многу светски метрополи, но не можам да се согласам дека тој мене не сака да ми даде тротоар по кој можам безбедно да се движам.

Со што најмногу се гордеете во Скопје?

– Со Опера и балет, со театарските претстави, со убавите концерти кои редовно ги посетувам, кејот на Вардар, Градбите од Кензо Танге.

Преголемо ли е Скопје за Вас, треба ли да расте или да се намали?

Не е во прашање големината. Сум претстојувала во многукратно поголеми градови и тие биле токму како што треба затоа што биле организирани. Овде недостасуваат основни работи за да се чувствуваш како дома, да ти биде удобно и безбедено.

Што Ви недостасува во градот, што би одзеле?

Ми недостасува чувството на уредност, метро за да не мора сите да се возат со автомобил, а секако би ги одзела возилата од тротоарите и искршените плочки, а се разбира и дел од спомениците, почнувајќи од галиите кои прават градот да изгледа нереално и шизофрено.

Во какво Скопје сакате да живеете?

– Во Скопје кое ќе има душа. Во трамваите во Мемфис стои парола „Градот има душа„ Тоа е метафора на соул музиката, но градот навистина живее со еден ритам, исто и Сеул со блескавата чистота и ритамот на Ган Гам Стајл; Амстердам кој им припаѓа на сите, а има душа; Дубаи каде секој посебен дел прави една целина на градот; Истанбул каде сите се граѓани на тој голем град на два континенти. Овој град нема душа. Се изгубила некаде помеѓу политиката и етничките поделби. Сакам Скопје да изгради една своја душа, симбиоза на она што се негови културни и човечки вредности. Град каде луѓето ќе се грижат за соседот и за оној што стои до нив на пешачкиот премин.

Претходна вестЕј, што се случува на кеј?
Следна вестВо Грција може и со тест за присуство на антитела