Скопје се сеќава на 26 јули 1963 година – земјотресот кој го обедини светот

Со бројни активности Скопје денеска одбележува 59 години од катастрофалниот земјотрес кој го разори градот во 5 часот и 17 минути на 26 јули 1963 година нои кој го обедини светот во солидарноста со настраданото население.

Земјотресот е една од најкатастрофалните природни непогоди што му се случиле на главниот град, со измерени девет степени по Меркалиевата, а 6,1 степени според Рихтеровата сеизмичка скала. Траел 20 секунди, а поголемиот дел од градот бил целосно разрушен. Во разорниот земјотрес животот го загубија 1.070 лица, а околу 3.000 беа повредени. Беа урнати 15.800 станови, а оштетени околу 28.000. Над 200.000 луѓе останаа без покрив над главата. Потресот бил почувствуван и во околните градови и населени места, на простор од околу 50 квадратни километри, по течението на реката Вардар. Од јачината, дури и во околните градови граѓаните се разбудиле, а во неколку соседни градови дури имало и материјални штети од помали размери.

Првата помош за граѓаните на Скопје дошла од војската и граѓаните на тогашните југословенски републики, а неколку дена по земјотресот започнала да пристигнува помош и спасувачки екипи од целиот свет. Точно 87 нации од светот испратиле некаква помош во Скопје кои помогнале градот да се изгради повторно, поради што го носи и епитетот „град на солидарноста“.

Од трагедијата на Скопје целиот свет беше вознемирен и ангажиран. Меѓународниот Црвен крст упати апел до сите национални организации да организираат исхрана за скопските деца. Интерпарламентарната унија упати препорака до сите парламенти и влади да помогнат во обновата на градот. Хуманитарните организации во многу земји пристапија кон собирање помош за Скопје. Така Скопје стана град на меѓународна солидарност.

Обединетите нации веднаш по катастрофата презедоа активности за плански и долгорочно да му се помогне на разурнатиот град. Во времето кога екипи стручњаци на ОН почнаа да пристигнуваат во Скопје, во седиштето на меѓународната организација беше речено дека Скопје ќе биде споменик на човечката солидарност. На 23 септември 1963 година 35 земји побараа Генералното собрание да стави на дневен ред од своето заседание точка за преземање мерки по повод земјотресот во Скопје. По четири дена, на 27 септември, Генералното собрание и даде приоритет на меѓународната акција за давање помош на Скопје.

На 14 октомври, по двочасовна дискусија, Генералното собрание на Обединетите нации едногласно усвои Резолуција за давање помош на југословенската влада при реконструкцијата на Скопје. Во Резолуцијата се изразува жалење по повод големата катастрофа. Во дебатата за давање помош на Скопје, Генералното собрание го ислуша излагањето на претставници од над 20 земји од сите континенти. Тој ден остана во аналите на Обединетите нации како ден на Скопје.

Традиционално, пред Споменикот на жртвите од катастрофалниот земјотрес на Градските гробишта во Бутел, официјални делегации, претставници на институции и граѓани ќе положат цвеќе. Собраниска делегација, во состав Даниела Николова и Тони Јаревски, ќе положи венец пред Споменикот на загинатите од земјотресот на Градските гробишта Бутел. Почит ќе оддаде и владина делегација предводена од вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, пред споменикот на жртвите од земјотресот во Скопје.

Град Скопје и јавните културни установи традиционално ќе организираат голем број настани.Во МКЦ по повод сеќавањето на земјотресот, најавен е настан насловен „За Скопје“, во чии рамки ќе се случува поетско читање, отворање на изложбата „За Скопје, со љубов од целиот свет“, „1963: Good night Skopje“ и музичка програма.

Претходна вестСончево и топло до 40 степени
Следна вестОд 160 казни 13 биле за пребрзо возење, се подобруваат ли скопските возачи?