Скопје синоќа седми најзагаден град во светот: 289 ПМ10 – најотровен воздух во Аеродром

Скопје е многу загаден, но сега е во фаза кога ќе се украсува. Парите наменети за светлечки чадорчиња не се пренаменуваат за борба со загаденоста.

Ако Куманово може, зошто Скопје уште чека или не сака?! – ова е прашањето околу кое од вчера вечер се дебатира на социјалните мрежи откако градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, соопшти дека сите пари планирани за украсувањето на градот предновогодишно ќе ги пренамени за да се купат таблети за учениците за онлајн настава.

-Оваа година решивме средствата кои се предвидени за организација на концертот и средства за новогодишното украсување и огнометот да ги пренамениме, и дадов предлог во ребалансот на буџетот до советот да се пренаменат за обезбедување набавка на таблети и друга опрема која ќе се користи за онлајн наставата за учениците во нашата општина, изјави Димитриевски.

Но, вакво нешто не слушнавме од градскиот татко Петре Шилегов. Еве веќе два дена откако е најавено дека Градот има намера да потроши околу 200 илјади евра за украсување, нема ниту едно образложение: зошто да се украсува кога луѓето ќе останат дома за Нова година? Зошто да се потрошат толку многу пари на украсување кога државата финансиски крахира од ковид-кризата, а уште има деца кои немаат компјутерски уреди за следење на онлајн-настава?

Уште една информација од синоќа би требало да го замисли првиот човек на Скопје. Нашиот главен град вчера вечер беше седми на црната светска ранг-листа по загаденост. Само во Аеродром беа измерени 289 ПМ10 микрограми на метар кубен. Загадувањето гази, дополнително од ковид заразата, и кому му е до украсување и славење, во време кога парите ни се потребни како леб?

-Од смрдливиот и загадено воздух нема да се видат светлечките елкички и звездички, пишуваат скопјани на објавата од Градот во врска со украсувањето.

Претходна вестПочинаа 20 лица од Ковид-19, регистрирани 515 нови случаи
Следна вестПочина македонската поетеса Марија Станкова