Скопје станува конгломерат од 10 различни меѓусебно неповрзани целини

За докторот Нико Беќаровски некогашниот градски дух е уништен со големиот и неконтролиран прилив на нови жители во последниве децении.

Кога ќе кажете Скопје, кои мисли и слики Ви се појавуваат?
-Најверојатно е нормално секој да ги поврзува сликите од својот град со своите најубави и најбезбрижни години т.е. со своето детство и својата младост. Спомените од моето Скопје веќе ги нема или се во крајно очајна состојба. Кога јас ќе кажам Скопје мислам на санкањето по „Водњанска“, на првите бакнежи позади спортската сала во ОУ „Кочо Рацин“, на баскетот кај кафулето „Томас“, пијалоци во култниот „Париз“, за гужвите пред кино „Вардар“, за викендите на езерото „Треска“ и базенот „Сарај“, за дружбата пред „Ванила“ со задолжителниот тост кај „Чичко Стоилко“, за бозата од „Ориент“, индијанките во „Шехерезада“ и топлите кикиртики и семки кај „Зуко’, за дискотеките „Мусандра“, „Панорама“ „Таверна“, за медицинските забави кои ги организирав во „Огниште“, за водата со која не полевааа станарите од зградата во која се наоѓаше кафулето „Камел“, „Бони“, „Ани“. Моето Скопје живееше за натпреварите на ФК Вардар против Ѕвезда, Партизан, Хајдук, Динамо…

Кое Скопје го сакате повеќе: Ова сега или тоа од порано?
-За жал, ова денешно Скопје воопшто не го препознавам како свое, тоа е претворено во „треторазреден ласвегаски кич“ без грам душа, спомени и традиција.

Скопје и скопјани даваат и плаќаат, но дали институциите и градоначалниците доволно му даваат на градот?
– Концепциската поделеност на градот со 10 општински и еден градски градоначаник мислам дека му зададе дополнителен удар на градот. Му ја одзеде можноста да пулсира како едно срце и полека но сигурно постанува конгломерат од 10 различни меѓусебно неповрзани целини, во која секој градоначаник гледа како да вметне уште некоја зграда и уште некој спрат деловен или станбен простор. Не би се согласил ниту со Вашето тврдење дека скопјани само даваат и плаќаат, за жал новите скопјани многу повеќе вандалски уништуваат, и валкаат.

Дали Вие доволно му дадовте на градот?
-Своевремено учествував во локални акции во кои уредувавме тревници и го чистевме градот во рамките на училишните активности. Во целиот мој животен век не сум фрлил ниту догорче од цигара, а се уште знам да земам кеса и да го собирам наоколу расфрланиот смет. Но најголем дар е секако мојата професија со која сум им дал здравствена помош и сум им го спасил животот на илјадници скопјани.

Со што најмногу се гордеете во Скопје?
-За жал, не останаа многу работи со кои човек може да се гордее во нашето Скопје. Порано тоа беа скопјаните, секогаш насмеани, расположени, воспитани, гостољубиви, но денес скоро да не остана ништо од таа скопска срдечност. Денес ми преостанува да се гордеам со природните убавини кои го опкружуваат мојот град.

Преголемо ли е Скопје за Вас, треба ли да расте или да се намали?
-Реално градот не е преголем, но во него живеат голем број на жители кои се уште не го чувствуваат градот како свој. Големиот и неконтролиран прилив го уништи градскиот дух и традиција, а на површина исфрли некои плитки и приземни вредности кои сега станаа репер за успешност.

Што Ви недостасува во градот, а што би одзеле?
Ми недостасуваат дрворедите, зеленилото, но пред и над се чистотата, спокојот и безбедностата што ја нудеше „моето“ Скопје. Ми недостасуваат повеќе базени, велосипедски патеки и секако една голема пешачка зона. Ми недостасува една прочистителна станица за отпадни води, која повторно би го направила Вардар син. Веднаш би ги дислоцирал 95 отсто од споменицита поставени во центарот на градот. Би ги вратил липите и брезите.

Во какво Скопје сакате да живеете?
-Градов во изминативе триесеттина години доживеа невидена негативна трансформација. Скопје беше третиот најзелен град во СФРЈ, а денес сите тие зелени површини се узурпирани. Сакам да живеам во чист град, без отпадоци на секој чекор. Сакам да живеам во град со регулиран градски сообраќај, во град каде ќе се бара карта повеќе за концертите на Симон Трпчевски, а не за Аца Лукас. Сакам да живеам во град на насмеани, ведри, воспитани и културни граѓани, спремни да помогнат на секој човек во неволја.