Скопје тешко издржува, но градоначалниците бегаат од темата за трупањето на градот со нови жители

Доселувањата во градот се без контрола…

Колку жители има Скопје? На ова прашање речиси никој во државата нема точен одговор. Има само проценки дека градот има меѓу 650 и 750.000 жители. Тоа е значително повеќе од плановите според кои во 2022-рата година би требало да достигне до високата бројка од 634.200 граѓани. Излегува дека најмалку околу 100.000 граѓани, кои се постојани жители, веќе се „прекубројни“. Да не зборуваме дека според сегашната градската инфраструктура, во Скопје очигледно е дека се „вишок“ уште најмалку 50.000 лица. Македонската мертропола едноставно се почесто е задушена, пренатрупана… А незиното зголемување, за жал, не запира. Се градат нови станови, се доселуваат нови граѓани од внатрешноста. Сообраќајните шпицеви стануваат целодневни, станарите веќе немаат каде да ги паркираат возилата, канализацијата не може да ги прифати сите фекалии, нема животен простор… Сето тоа кај скопјани почна да создава чувство дека треба да се ограничи доселувањето бидејќи ако вака продолжи во Скопје ќе се живее многу отежнато.

-Итно треба да се донесе закон за заштита на Скопје, во поглед на добивање на скопско жителство. Цела Македонија се пресели во Скопје и се претвори во невозможно место за пристојно живеење во секој поглед. Од изградба на неплански згради на секое место, сообраќаен хаос, недоволен број на паркинг простори, енормна загаденост… Од друга страна се повеќе имаме се полупразни места и градови, смета скопјанецот Томе Милошевски.

Ваквото барање не е ново. Преку страниците на „Скопско ехо“ вакви апели во изминативе месеци упатуваа и редица познати скопјани кои ги интервјуиравме за состојбите во Скопје. На сите нив заедничко им е тоа што се бара начин, пропис, да се ограничи натамошното трупање на Скопје со нови жители.

Статистиката точно пресметала дека лани од внатрешноста, нови скопски адреси добиле 2.575 лица кои дотогаш живееле во други македонски градови. Просечно, секој ден во градот се доселувале по седум нови жители. Во 2016 тој просек на дневно доселување бил окол осум нови граѓани бидејќи се доселиле 2.882 лица. Таков е просекот и во годините пред тоа. Значи, за една деценија во Скопје се доселил град со големина, на пример, на една Гевгелија.

– За овој проблем никој од властите не зборува. Самото тоа значи, не се бара ниту решение за пренаселеноста на Скопје. Мора брзо да се делува, да се најде начин да се ограничи неконтролираното доселување во градот, но и да се развиваат околните градови во Македонија. Нека се угледаат на мерките кои ги превзема Љубљана и како овој град не дозволи да се трупа со доселеници, вели Васе Станковски.

Скопјани бараат регионален развој, за да се стопира доселувањето.

Две третини од Македонија живеат во градот и сосема исправно се вели дека Скопје е Македонија. Порано се празнеа селата, сега се празнат градовите од внатрешноста. Кога би се ревитализирале малите места тоа би се запрело. Но, мора да се води сметка за тоа што Скопје може да издржи. Заради тоа, сметам дека под итно треба да се забрани издавање на скопако жителство и да може да се одобри само времен престој, смета граѓанката Соња Богоројческа.

Факт е дека доселувањето во Скопје практично никогаш не запрело. Најинтензивно било во периодот на обновата по катастрофалниот земјотрес во 1963 година. Тогаш, градот имал 191.000 жители, за по четириесетина години да стаса до 660.000 жители, колку што проценуваат статистичарите. А дека тоа зголемување ќе се случува и во наредниве години покажува и податокот од лани дека во Скопје се издадени дозволи за градење на 4.219 нови станови. Најмногу, нив 1.380 во скопската општина Аеродром во која секоја година се забежежуваат 600-700 нови жители.

На ова, нема сомнение, најмногу му кумувале многу лесни услови за добивање на скопско жителство. Своевиден парадокс е дека тоа може да се добие на сосема лесен начин. За да се добие скопската лична карта главен услов е само некој да има пријавено живеалиште во градот. А живеалиштето се добива со тоа што може дури и да се приложи документ дека станот во кој што ќе живеете е изнајмен под кирија!?

-Тие услови треба да се заострат бидејќи се многу лесни. Истовремено, треба и да се развиваат градовите во внатрешноста. Ги разбирам луѓето кои сакаат да се преселат во Скопје бидејќи немата услови за работа и за живеење. Тоа треба да се подобри, ни рече Методија Спасовски, фудбалска легенда на „Вардар“.

И познатиот пеjач на народни песни Миле Кузмановски во интервјуто за „Скопско ехо“ побара истото.

-Треба да се размислува или за затворањето на градот во однос на доселувањата или за ограничување на жителството. Градот станува претесен и прегуст за живеење, потенцира Кузмановски.

Целиот текст може да го прочитате во бесплатниот неделник СКОПСКО ЕХО.