Скопје требаше да се шири кон перифериите, а не да никнат висококатници

Поранешната министерка за култура, и музички педагог, Ганка Цветанова, смета дека квалитетот на живеењето во Скопје е значително опаднат…

Кога ќе кажете Скопје, кои мисли и слики Ви се појавуваат?
– Градот во кој сум родена и израсната… Градот на моите предци – Пајко маало и старо Скопје. Градот на мојот пра-прадедо Ѓоре Китинчев – градоначалникот, односно во тоа време кметот на Скопје од 1915 до 1917 год. Се разбира и градот во кој е родена и порасна мојата ќерка Илина…

Кое Скопје го сакате повеќе: Ова сега или тоа од порано?
-Она претходното Скопје. Не затоа што ме потсетува на детството туку едноставно затоа што сегашното Скопје не ни овозможува квалитетен живот. Причините се многубројни: непланското градење кое е сосема несоодветно со постоечката градска инфраструктура, загадениот воздух за кој никој ништо не превзема, сметот и нехигиената во градот, неодговорното возење и дивеење низ скопските улици. Но, можеби една од најголемите причини за неквалитетното живеење во Скопје, се токму оние граѓани кои не си го почитуваат, сакаат и не се грижат за градот во кој што живеат.

Скопје и скопјани даваат и плаќаат, но дали институциите и градоначалниците доволно му даваат на градот?
-Секако дека е недоволно, особено во сферата на хигиената и загаденоста на воздухот. Не случајно за градоначалникот се вели “Таткото на градот”, бидејќи за градот треба да се грижи како за сопственото дете. Секогаш може подобро и повеќе. Но тука не можам, а да не ја споменам уште еднаш негрижата на голем број граѓани и нивниот индолентен однос кон сопствениот градот. Ниту еден градоначалник не може да надомести за негрижата и несовесното однесување на граѓаните.

Дали Вие доволно му дадовте на градот?
-Не знам дали е доволно, но она што може да се нарече мој личен придонес за градот е начинот или културата на секојдневното живеење. Внимавам да не го загадувам градот. Внимавам каде го фрлам ѓубрето и истото го рециклирам. Внимавам да не ја прекорачам брзината со која што возам, внимавам правилно да се паркирам. Застанувам на пешачки премин и им давам предност на пешаците. Кога чекорам на тротоарот внимавам тоа да не биде лентата обележана за велосипеди…

Со што најмногу се гордеете во Скопје?
-Скопје има богата историја. Ги сакам и уживам во знаемнитостите како Старата скопска чаршија која што е живо сведоштво за едно друго, минато време но истовремено и сведоштво за соживотот, Даут пашиниот амам воедно и Национална галерија, Музејот на современата уметност – симбол на солидарноста на светот по катастрофалниот земјотрес во 1963г.., Аквадуктот и се разбира – новата сала на Македонската Филхармонија. Нешто што со децении му недостасуваше на овој град.

Преголемо ли е Скопје за Вас, треба ли да расте или да се намали?
-Нормално е градот да расте, да живее. Но Скопје, според моето лаичко мислење, требаше да се шири кон перифериите, а не да изникнуваат висококатници кои во целост ја опструираа и дополнително ја влошија и онака лошата микроклима на градот. Скопје се наоѓа во котлина со карактеристични густи магли за кои што се сеќавам уште од моето најрано детство. Со висококатниците во Капиштец, Влае (Порта Влае) на Водно се опструира природниот проток на свеж возух и ветер, единствениот природен начин за растерување на маглата. Па оттука, она што сега го гледаме како план за изградба на облакодерите во најстрогиот центар на градот, не можам, а да не го наречам тотално неодговорно и несовесно.

Во какво Скопје сакате да живеете?
-Би сакала да живеам во град кој е помалку хаотичен, со средени и чисти булевари и без отпадоци на улиците. Во град во кој ќе дишеме чист и незагаден воздухот. Во град каде на раскрсниците нема да гледаме гладни и боси дечиња како бараат некој денар за преживување. Во град каде нема да шетаат глутници од бездомни кучиња, а сепак истите ќе бидат хумано згрижени. Во град во кој луѓето се грижат и водат сметка за Скопје, но и си помагаат едни на други. Во град со љубезни и солидарни сограѓани.

Што Ви недостасува во градот, а што би одзеле?
-Недостасува повеќе љубов и грижа за градот – како од страна на градските власти така и од страна на самите граѓани. Ако можам, би ја одзела нетрпеливоста и нервозата на скопјани која верувам дека во голема мера е рефлексија на севкупната општествена состојба, но и големиот број на аномалии во градот што резултира со неквалитетно секојдневно живеење.