Скопје вечерва ќе пулсира во ритамот на осумнаесеттата „Бела ноќ“

Бројни културни настани – музички концерти, изложби, проекции, поетски читања, работилници, жонглерско шоу и перформанси на десетици локации низ градот ќе се одржат вечерва во рамките на традиционална манифестација „Бела ноќ“.

Централната манифестација ќе се одржи на плоштадот „Филип Втори“ каде ќе се одигра детската претстава „Моќта на музиката“, жонглерско шоу, концерт на Мијата. Камерниот оркестар на Битола ќе се престави со „James Bond Symphony“, а настанот ќе заврши со настап на диџеј Dubnotic.

Во Кинотека ќе се одржува фестивалот „Десонанз“ каде ќе презентира македонската електронска сцена, видео арт и ќе се прикажуваат филмови од кинотеката. Во Градски парк кај фонтана ќе се може да се погледне „Сообраќаен инсектариум – ПајакАрт“, групна изложба на 13 домашни автори од различни ликовни изрази.

Програмата ја збогатуваат и културните институции: Во МКЦ ќе се одржува „Скопје винил конвеншн“ и перформансот на Франк Масон (менталист и психички забавувач од Нирнберг, Германија), Детски културен центар „Карпош“ заедно со Зоолошка градина ќе ги анимираат најмладите со „ЗОО Азбука“, во Национална галерија т.с. Даут-пашин амам ќе може да се погледне изложбата на Димитар Кондовски, во Музеј на современа уметност ќе може да се види ретроспективната изложба на Симон Узуновски „Пат за Волкодери“ и самостојната изложба на Јана Јакимовска „Ретро:телесни ретроспективи“, во Спомен-куќата на Мајка Тереза постојаната изложба и „Мисионерка на милосрдието – Спомените за Мајка Тереза во Државниот архив“, Библиотека „Браќа Миладиновци“ ќе организира креативна работилница за деца, поетско читање, клуб на читатели и музичка програма, во Музеј на македонската борба ќе може да се види изложбата „Скопје со културните добра” на Ансамбал Македонија, а во Музеј на Република Северна Македонија постојаната етнолошка поставка, постојаната историска поставка – „Македонците бегалци од Втората светска војна и Граѓанската војна во Грција 1940-1949“ и времената изложба – „Гозби за живите и предците, боговите и светците“.

Вечерва во скопскиот Културно-информативен центар за прв пат ќе се одржи мултимедијлната манифестација  „КИЦ АРТЛЕНД”, настан, на кој ќе земат учество голем број на македонски уметници. Во програмата свое учество ќе земат Маријан Стојковски – „Белеиф ин Паинтинг” со изложба која ќе се реализира во 19 часот во продажниот салон на КИЦ, додека во исто време во салон Империјал II,  ќе настапи Алекс Петковски со своја инструментална изведба на македонски песни а свое учество ќе имаат  и Ристина Николова и Ивона Нацевска со поетско читање, како и вокалниот состав „Мелизма. Во салонот  Империјал I, во 19.30 часот свои настапи ќе имаат – Академски хор „Мирче Ацев”  а ќе биде претставена и изложба на 60-то јубилејно издание на „Денови на македонска фотографија“. „КИЦ Артленд”, ќе ја доживее својата кулминација во салонот Империјал II во 21 часот со настапите на триото „Џентлмени”, како и младата пејачка ѕвезда  Огнен Здравковски, како и поетскиот перформанс на Елена Пренџова и Нино Наумовски.

 

Целосната програма со распоред, локации и учесници може да се погледне на www.univerzalna.com.mk/belanok. Сите настани се од отворен карактер и се бесплатни за посетителите. ЈСП Скопје ќе вози бесплатно од 18 до 05 часот, а ќе функционираат и ноќните линии. Настанот е во организација на ЈУ Универзална сала, финансиран од Град Скопје, а покровители се Сити радио и Лајф радио.

Претходна вестПретпладне променливо облачно, попладне со повремен дожд
Следна вестПендаровски на церемонијата за старт на работата на гасниот интерконектор Грција – Бугарија