Скопје врие од уништувачи на природата и на градската средина

Универзитетскиот професор и ликовен критичар Владимир Величковски, кој е роден во Дебар маало, го боли она што му се случило на неговиот роден град и на неговите граѓани…

Кога ќе кажете Скопје, кои мисли и слики Ви се појавуваат?
-Маалскиот живот со присност и доверба меѓу луѓето, убавите дворчиња и бавчи. Тука се и плажите на Вардар, излетите на Водно и во Сарај, првата изложба со цртежи и колажи од шарени крпчиња во ОУ „11 Октомври“, возовите кои знаевме од каде доаѓаат, храната што имаше вкус, кога зборот беше збор, а чистиот образ им значел многу на луѓето.

Кое Скопје го сакате повеќе: Ова сега или тоа од порано?
-Го сакам Скопје од детството, но тоа му припаѓа на сеќавањето. Нашата реалност е нешто сосема друго, многу погрдо и пострашно. Скопје врие од уништувачи на природата и на градската средина, насилници кои го направија опасно и лошо место за живеење. Владее страв и несигурност. Малку останаа убави и мирни катчиња. Загадувањето сигурно не датира од нашите денови затоа што Скопје е во котлина, а градот неконтролирано се шири. Скопје се преполни со лоши архитектонско-урбанистички решенија, со еден очигледно несреќен „монументализам“ кој заедно со неписменоста не „прослави“ во светот. Таканаречената „урбана мафија“ се уште нема конкретни носители со име и презиме.

Дали Вие доволно му дадовте на градот?
-Секој кој работел добро и одговорно, во согласност со условите и сопствените способности, секако дека нешто придонел за градот. Освен тоа, партизацијата на општеството си го зема својот данок и тука не може да стане збор за било каков придонес за човекот и за незаштитените. Никој не ги прашува стручњаците, ниту го цениме знаењето, човечките квалитети. Човекот е претворен во бројка и параграф, во бегласна буква. Огромна бројка на луѓе со дипломи (кои може да се купат) а толку неписмени! Дури си земаат сила (законот е во нивни раце), оние кои малку се подзбогатиле да се закануваат и фалат дека секого можат да го (пот)купат, да ги диктираат условите на „пазарот“ со уметнички дела (институциите на културата се сосем на маргините).

Со што најмногу се гордеете во Скопје?
-Се гордеам со секое остварено добро дело, за човекот и во уметноста. Има вредни млади луѓе, но тие својата иднина ја гледаат надвор од земјата затоа што тука може да се изгубат во општото сивило. Некои од нив не сакаат да „трчаат по запад“, ниту да се зачленат во партијата.

Преголемо ли е Скопје за Вас, треба ли да расте или да се намали?
-Најчесто по повод „Скопје 2014“ се пишува за девастирање и дехуманизација на урбаната средина. Скопје е пренаселен и раздробен град граден агресивно и со чудна омраза кон градот. Градот ќе се шири и уништува, а не може да се намали освен со рушење на цврсто граден кич. Но, кој ќе се осмели на таков чекор?! По катастрофалниот земјотрес во 1963 година, Скопје стана познато како град на солидарноста, денеска е симбол на хаос, загаденост во секој поглед и ѓубре на сите страни па и со измет околу нашите многу „ценети“ споменици. Навиките и простотилукот не се менуваат брзо.

Што Ви недостасува во градот, а што би одзеле?
-Ми недостасуваат многу нешта, но како да се остварат желбите преку ноќ кога знаеме дека нема никакви шанси да бидат остварени. Освен тоа, како да се врати она што е одземено или погрешно, речиси непоправливо. Од културата остана руина, индиферентност, дури и за идентитетските прашања.

Скопје и скопјани даваат и плаќаат, но дали институциите и градоначалниците доволно му даваат на градот?
-Освен Јосиф Михајловиќ (архитект и урбанист од мијачкиот крај) кој делуваше меѓу двете светски војни, не можам да се сетам на друг градоначалник со такво образование, одговорност и грижа за градот. Работата на институциите се поврзува како „глас на народот“ со озлогласеното мито и корупција. Доволно е само да се проследи „црната хроника“ на вестите за да се заклучи: обичниот човек е онеправдан, незаштитен… .