Скопски буџет тежок 114 милиони евра чека виза од градските советници

Советниците во Советот на Град Скопје денеска ќе почнат да се изјаснуваат за предлог на градскиот буџетот за 2023 година. Според предлогот, за идната година се предлагаат вкупни приходи и други приливи во износ од 7 милијарди денари, вклучувајќи го и делот од вишокот на приходи остварен во минатите години, во износ од 248.500.000 денари. Планираните јавни расходи се исто така во износ од 7 милијарди денари, односно толку ќе се потроши за обезбедување на потребните добра и услуги за граѓаните.

Најголем дел од расходите се планирани за комунални дејности, дури 38,25 отсто, односно 2.713.750.000 денари, (43 милиони евра) наменети за одржување на постојната и набавка на нова урбана опрема, одржување и изградба на системите за јавно осветлување, одржување јавна чистота, организирање локален превоз на патници, одржување автобуски постројки и слични комунални активности. Од нив најмногу пари ќе одат за јавниот градски превоз, за ЈСП 745.000.000 денари (12 милиони евра), 729.300.000 за изградба и реконструкција на патишта и мостови (11,7 милиони евра) и 377.500.000 за одржување на локални патишта, улици и мостови и регулирање режим за сообраќај. За заштитата на животната средина од буџетот се планирани само 1,36 отсто од парите, односно 96.300.000 денари (1,5 милион евра).

На седницата се очекува да бидат поднесени и амандмани од советниците, но јавно се објавени само 14-те доставени од советниците на „Зелен хуман град“, кои, како што велат оттаму, се составени преку активистичките групи, кои се членки на ЗХГ, како и граѓанските проекти испратени преку платформата #МојГрад. Амандманите се однесуваат на осум категории и тоа на енергетска независност, намалување на аерозагадувањето и зголемена инспекциска контрола, помош за најзагрозените категории на граѓани, повеќе зеленило и негов мониторинг, справување со отпадот, намалување на депониите, професионално и партиципативно планирање на ГУП, унапредување на велосипедизмот и хуман третман на животни.

Претходна вестЛондон „светска престолнина за развод“, разведените жени добиваат стотици милиони долари
Следна вестВМРО-ДПМНЕ: Во само еден ден нови 137 административци, а нема пари за студентски оброк и за лек за цистична фиброза