Скопскиот маратон в недела ќе го трчат 8.500 натпреварувачи од 47 земји

Околу 8.500 тркачи од 47 земји ќе стартуваат на годинешново, 18-то по ред, издание на Визер скопски маратон што ќе се одржи в недела. Трките кои секоја година се дел од најомилениот спортски настан во државата – маратонот, полумаратонот, штафетниот маратон, – „ЕУ за спортот“ и трката на 5км ќе почнат точно во 8:00 часот. Годинава Маратонот ќе се трча по делумно изменета траса.

-Новата патека е измерена од меѓународен лиценциран мерач и се здоби со А сертификат од АИМС и Светската атлетска федерација. Целта е на плоштадот Македонија со кој се враќа традиционалниот финиш на патеката по што беше препознатлив маратонот. Учесниците на трката на пет километри ќе тргнат од Рекорд во правец на Аеродром, додека тркачите на маратонот, полумаратонот и штафетниот маратон ќе стартуваат од болницата „Св. Наум Охридски“, па преку плоштадот продолжуваат преку улицата „Теодосиј Гологанов“ кон Хром, објасни директорот Кире Синадиновски.

Тој рече дека Скопски маратон е веќе познат и во светски рамки

-Пријавени се натпреварувачи од над 47 земји од целиот свет, со што покажуваме дека овој спортски настан е веќе препознатлив на светско ниво. На сите тркачи им посакувам  лесни нозе  и да ги соборат своите најдобри времиња,  изјави Синадиновски.

Синадиновски ги потсети сите тркачи, кои сè уште го немаат подигнато својот стартен пакет, дека ќе имаат шанса истото да го направат уште денес и утре (30.9.2022 и 1.10.2022) во „Веро Џамбо“ од 11:00 19:00 часот. Подигнувањето на пакетот ќе може да се изврши само со документ за идентификација или потврдена порака на е-пошта од пријавата.

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, истакна дека со огромно задовоство Градот Скопје е покровител и традиционален домаќин на Визер скопскиот маратон.

-Град Скопје е горд што по 18-ти пат е домаќин Визер скопскиот маратон на кој оваа година се пријавија над 8500 учесници од 47 земји низ светот. Градот Скопје покрај тоа што финансиски ја поддржува оваа голема манифестација, која ги промовира градот Скопје и Македонија како спортска и туристичка дестинација, исто така овозможи логистичка поддршка од градските јавни претпријатија со цел успешно оддржување на годинешниот Визер скопски маратон, рече Арсовска.

Фото: Макфакс

Претходна вестГруби не се повлекува од функцијата: Нема раскол во ДУИ, сите се построени позади Али Ахмети
Следна вестЕкс-градоначалничката на Арачиново Миликија Халими стана инспекторка во Царина