Скопски стил: Раскопаницата фино му прилега на новиот асфалт во Аеродром

Со месеци и месеци се правеше (и уште се прави) улицата „Васко Карангелески“ во скопски Аеродром. Го исекоа дрворедот, ја проширија улуцата и конечно пред не повеќе од месец – два го асфалтираа коловозот. Фрштеа соопштенија на самофалби и од општоната и од Град Скопје.

А допрва се чека и свечено отворање (оти улицата во еден дел – кај полициската станица – уште се прави).

И сега кога аеродромци се помирија поради изгубениот дрворед, наеднаш ново разочарување. Од под асфалтот почна да извира вода. Дојдоа багерите и го прекопаа се уште и неоладениот асфалт.

Жална вистина и навика која се случува често во Скопје. Прават нова улица и наскоро ја прекопуваат. Мораше ли да биде така?

Екипите на градскиот „Водовод и канализација“ интервенираа откако се случи дефект на водоводна мрежа и по кој водата истекуваше повеќе дена. Викендов дефектот е саниран при што е прекопана целата улица бидејќи очигледно е работено на поголем дел од подземните водоводни цевки. Каналот сега е затрупан со песок и сега ќе се чека на слегувањето на земјата за да делот повторно се асфалтира. 

Но, како што тоа го покажуваат и претходните искуства со прекопаните скопски улици, на коловозот ќе остане „лузна“ и со што тој веќе нема да биде ист. Односно, ќе има слегнување на асфалтот, дупка, нерамнини…, а се како резултат на прекопувањето. Инаку, долго време тој дел од Аеродром немаше и вода по становите.

Градот и општина Аеродром, очигледно, добија нов пример на прекопување на новоизградените улици. А тоа најверојатно можеше да се избегне. Оние што ја реконстрираат улица, но и оние од „Водовод и канализација“ знаеја дека под коловозот се наоѓаат витални водоводни споеви кои се стари со децении. Може дел се заменил, ама лошо се врзал, може попуштиле некои цевки кои требало да бидат видени дека ќе попуштат, може…

Поуката којашто сега треба да се извлече е дека ваквите реконструкции на улиците секогаш треба да се искористат и за реконструкција на виталните делови од водоводната, електрична, канализациона и друга инсталација. Доколку тоа тогаш не се направи, дефектите брзо можат да се случат, а тогаш интервенциите се и посложени и поскапи. Тоа се потврди и сега, а сигурно ќе се потврдува и во иднината ако не се смени пристапот кон реконструкциите.

Претходна вестЕрдоган: Единствениот победник на овие избори е Турција
Следна вестЗаминале на плажа настрадале од залутани куршуми, пукање во Флорида