Скопскиот Совет не најде решение за приватните превозници, нова блокада в петок

Без одлука и конкретно решение вчера поминала седницата на Советот на Град Скопје на којашто се расправало и за проблемот со приватните автобуски превозници во градот. Градоначалничката Данела Арсовска и советниците меѓусебно се обвинуваа за настанатиот хаос во јавниот превоз во градот. Таа ги упати приватните превозници своите барања да ги остварат преку суд и најави нов јавне повик за учество во градскиот превоз.

Директорот на Јавното сообраќајно претпријатие, Александар Стојковски, пак, тврди дека откако е тој директор сите фактури кон приватните превозници биле платени. Од друга страна, претставниците на приватните превозници само бараа одговор на прашањето кога долгот кон нив ќе биде исплатен.

Директорот на „Слобода превоз“, Ленин Јовановски рече дека не ги добиле очекуваните одговори и оти блокадата ќе продолжи по завршувањето на дводневната официјална посета на Македонија на германскиот претседател.

– Со оглед на информацијата од МВР дека доаѓа висока делегација од Германија на чело со претседателот, лично ги замолив превозниците да покажат со гест дека не сакаат да го нарушат угледот на државата и да ги отежнат безбедносните протоколи – да се повлечат од блокадите во период на присуство на делегацијата односно до четврток, а доколку дотогаш не се постигне некаков договор со Градот Скопје и ЈСП, на улица ќе излезат повторно во петок. Дали ќе се продолжи со протестите само на раскрсницата кај „Мавровка“ или ќе се прошират ќе зависи од одлуката на координативното тело на превозниците, вели Јовановски.

Јовановски по седницата на Советот на Град Скопје изјави дека не ги добиле очекуваните одговори.

-Сакавме да слушнеме што се планира околу цела ситуација и кое е излезното решение и каде е проблемот што се создаде за да биде Скопје ставено во една ваква тешка ситуација. Сега имаме ситуација кога покрај тоа што никој не сака да седне на маса и да понуди решение, дури нема одговор ни на оние основни прашања што треба да се одговорат и јавноста да ги знае за да и биде појасно зошто сето ова се случува, и како некој планира ова да го реши, изјави тој.

Претходна вестПроменливо облачно со сончеви периоди
Следна вестГрчките судски власти го регистрираа „Центарот на македонскиот јазик во Грција“