Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 68-годишен жител на Арачиново, осомничен дека сторил кривично дело – Тешки дела против општата сигурност по член 292 став 1 во врска со член 288 став 1, како и кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи според член 396 став 1 од Кривичниот законик.
На 27 август, со општо опасно средство – огнено оружје пиштол “Црвена Застава” со калибар 7,65 мм кое неовластено го држел во својот дом, осомничениот предизвикал значителна опасност по животот или телото на неговата сопруга. Додека го чистел пиштолот, тој испукал во правец кон оштетената, и ѝ нанел тешка телесна повреда во главата, во пределот на увото.
-Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерки на претпазливост за осомниченото лице – забрана за напуштање на живеалиштето, обврска повремено да се јавува кај определено службено лице и привремено одземање на патната исправа. Судијата го прифати предлогот на јавниот обвинител и на осомничениот му ги определи бараните мерки на претпазливост во текот на кривичната постапка, се наведува во соопштението на ОЈО.