„Слико збор“ досега им го олесни животот на 40.000 аутистични деца

„Браво, апликацијава е супер. Имам братче кој што има проблем со говорот и аутизам и би ве замолила за побрзо усовршување на апликацијата, бидејќи еве веќе два дена ја користи и е многу радосен затоа што може да се искаже за некои потреби. Само напред…. Моето дете ги научи сите домашни животни со помош на оваа апликација…“ Ова се само дел од пофалбите кои досега ги добил сега веќе средношколецот Даријан Шеќеров за апликациите кои ги направи пред три години, а кои досега им помогнале на многу деца во нашата и земјите во светот. За двете апликации „Слико збор“, која им помага на аутистичните деца и за „Шарена азбука“, наменета за препознавањето на буквите на македонската азбука од страна на најмалите деца, јавноста беше добро информирана, како и читателите на „Скопско ехо“. Исто како и за Светската награда во 2016-та година во конкуренција на неколку илјади апликации од целиот свет. Но, приказната со апликациите на Даријан не заврши тука. Во изминативе три години тие станаa едни од најсподелуваните во областа за која што се наменети, како во светот, така и во нашата земја.
-И јас сум изненаден колку преземања досега имаа моите апликации. Само „Слико збор“ досега е симната близу 40.000 пати и тоа од корисници од Бразил, Јапонија, САД, Австалија, Германија, како и од балканските и европските држави Германијам Шведска, Велика Британија, Хрватска, Србија, Бугарија, Франција… Тоа значи на толку деца со проблеми предизвикани од аутизмот им помага секој ден во комуникација со околината, ни објаснува Даријан.
Апликацијата има десетина категории какви што се: Игра и забава, Поздрави и разговор, Временски појави, Облека и обувки, Броеви, Форми, Диви и домашни животни, Семејство… Таа работи така што се одбира посакуваната тема, се притиска одредена слика и по што се слуша гласот од неговата сестра Срна која ја опишува сликата.
– „Шарена азбука“, пак, досега е „симната“ десет илјади пати. И среќен сум што многу деца од претшколска и рана школска возраст на полесен начин брзо ги учат буквите и поимите дадени на тие букви. На тој начин се одбегнува да користат само апликации на англиски јазик, а што водеше кон запоставувањето на македонскиот јазик, ни објаснува Даријан.
Тој сега има 17 години и е ученик во втора година во гиманзијата „Раде Јовчевски – Корчагин“.
– Моментално сум зафатен со подготовки за натпревари и училишните обврски, така да плановите за нови проекти и апликации ќе останат за летниот распуст. Инаку, во иднина се гледам прво на некој информатички факултет, а потоа како вработен во некоја позната ИТ компанија, признава Даријан.
Бројни „симнувања“ и на 14 други апликации
Даријан ни објасни дека досегашното преземање на неговите апликации е рекордно во нивните области.
– Може да се каже дека е рекорд бидејќи ова е наменска апликација за помош на деца и лица со попреченост, а не за забава кои се обично симнувани од „Плеј стор“, вели тој додавајќи дека останатите 14 негови андроид апликации вкупно се симнати околу 30 илјади пати.