Словенија ги дозволи браковите на истополовите двојки и можност да посвојуваат деца

Словенечкиот парламент вчера го усвои амандманот со кој се овозможува истополови партнери да стапат во брак и да посвојуваат деца, по пресудата на Уставниот суд. Измената на Законот за семејство беше изгласана со 48 пратеници кои гласаа „за“ и 29 кои беа „против“, додека еден пратеник беше воздржан.

-Со овие измени го признаваме правото на истополовите парови кои требаа да го имаат многу одамна, изјави министерот за труд, семејство, социјални прашања и еднакви можности, Симон Маљевац.

Словенија е прва држава од Источна Европа и прва поранешна комунистичка земја која поддржа ваква реформа во Европа.

Најблиску до такво нешто стигна Естонија, која во 2016 година призна истополови бракови склучени во други држави. Хрватска, Чешка, Унгарија и Црна Гора имаат закони со кои е легализирано истополовите граѓански заедници, додека во Унгарија дури и зборување за хомосексуалност пред малолетници може да биде казнето по летото 2021 година.

Во јули највисокиот суд на Словенија пресуди дека законот кој го дефинира бракот само помеѓу маж и жена е дискриминаторски кон геј и лезбејските парови. Уставниот суд ги суспендираше овие законски одредби и нареди Парламентот да ги усогласи во следните шест месеци. Судот одлучуваше по ова прашање по жалбите на две истополови двојки кои не можеа да се венчаат или да се квалификуваат да посвојуваат деца.

Главната опозициска партија, Словенечката демократска партија, ја критикуваше одлуката на Уставниот суд и организираше повеќе протести против измените на Законот.

Претходна вестБобан Петровски на чело на телото за давање мислење за употреба на име на историска личност, ќе се изјаснат ли за „Цар Борис Трети“ и за „Иван Михајлов“?
Следна вестАвтобус нагло закочил, повредени две лица