Случај охридска болница: За вакцинирање преку ред секретарот доби разрешување

Секретарот во Охридската општа болница, Антонио Наумоски, го прекршил Националниот план за ковид – имунизација и преку ред се вакцинирал во модуларната болница на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје, поради што денеска ќе биде суспендиран и разрешен.

Оваа нформација денеска ја соопшти Министерството за здравство, наспроти тврдењата на директорот на болницата Горан Балески викендов, дека Наумоски иако не бил на списокот, тој му потпишал да биде вакциниран заедно со медицинските лица во ковид-одделенијата поради секојдневниот контакт со овие пациенти.

Но од Министерството за здравство сметаат дека овој случај треба да биде пример дека злоупотребите ќе се казнуваат.

-Укажуваме дека никој кој не е здравствен работник, опфатен во првата група, од првата фаза за имунизација, не смее да се вакцинира. Министерството за здравство апелира до сите здравстени установи, кои ги изготвуваат списоците за вакцинација и ги испраќаат до националниот систем „МојТермин“, дека за непочитување на планот и стратегијата за вакцинација, како и за секоја злоупотреба на процесот ќе следуваат строги санкции, се вели во соопштението.

Да потсетиме, директорот на охридската болница тврдеше дека можеби Наумоски не е здравствен работник кој е опфатен во првата фаза од вакцинација, но носел боци со кислород во ковид-одделенијата.

Прашањето е сепак, дали секретар на болницата, кој е правник по професија, треба да носи боци со кислород и дали тука има одговоност и кај тој што го побарал тоа од него?

Претходна вестБраво за Марија и Орде: Кога беше најтешко сошивме и поделивме 9.000 маски, ќе шиеме пак ако биде потребно
Следна вестЗаев: Нема политички договор за бегството на Мијалков, најавувам одговорност