Сметките за парно биле подебели во мај, БЕГ се правда на продолжената грејна сезона

Граѓаните се жалат на повисоки сметки за парно, а БЕГ, има свои аргументи за тоа. Деновиве на граѓани им се доставени повисоки сметки за месец мај, и тоа за околу 500 до 1.000 денари во споредба со претходните, но и за повеќе.

Од Бег тврдат дека тоа се случува поради порамнување на фактурите, кое секоја година се прави во овој период. Но од таму уверуваат дека кај 53 отсто од граѓаните кои ги плаќаат фактурите на 12 месеци, ќе бидат испорачани пониски порамнителни фактури во споредба со авансните.

Висината на порамнителните фактури е различна за секој потрошувач и зависи од карактеристиките и енергетската ефикасност на објектот и од количината на испорачана топлинска енергија до објектот. Ако потрошувачот авансно платил повеќе отколку што е утврдено при мерењето на потрошената топлинска енергија, тогаш разликата ќе му биде вратена, се вели во дописот од БЕГ.

Од компанијата тврдат дека влијание на порамнувањето има и тоа што грејната сезона годинава била продолжена за 10 дена – до 25 април, температурите во некои месеци биле значително пониски од прогнозираните, но и тоа што околу 7.000 исклучени потрошувачи повеќе не плаќаат паушал.

Нова корекција на цената на парното ќе има до крајот на јули.