Смртноста на предвремено родени бебиња намалена од 25 на 8,2 проценти

Од 25 проценти смртност на предвремено родени бебиња во 2016, бројката е значително намалена во 2022 година на 8,2 отсто, беше соопштено на денешното одбележување на 17 ноември – Светски ден на прематуритетот, што се одржа на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство – Скопје.

-Бележиме и пад на пред наталната смртност од 14,8 проценти во 2018 година на 9,2 проценти во 2021 година. Токму со набавка на најсовремена опрема, посветеност на Министерството за здравство, Светската здравствена организација, УНФПА и УНИЦЕФ за развој и имплементација на планот за пред натална грижа, постигнавме значително унапредување, односно намалување на смртноста на предвремено родените бебиња, изјави министерот за здравство Беким Сали.

Директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство, Викторија Јовановска истакна дека и оваа година Клиниката успешно ја заокружува работата.

-Намалувањето на смртноста на новороденчињата се должи на навистина големиот ангажман пред сè на целиот персонал од интензивна нега и сериозната инвестиција во опрема и персонал. Изминатите пет години се инвестирани огромни средства во опрема. Клиниката успешно се справи и со пандемијата. Тоа што е значајно за овој ден е дека дури и во услови на пандемија, Одделението за интензивна нега продолжи да работи со успех. Првата година од пандемијата завршивме со 11 отсто смртност на предвремено родени бебиња за да и низ пандемијата имаме континуиран пад и годинава е 8,2 проценти, рече д-р Јовановска.