Снаоѓање во скапотијата: Во јогуртот вода ставам; износените кондури многу ми се добри; трчам по маркетите…

Какво време дојде во Македонија да ти е страв во маркет да влезеш. Скоро секој ден има нови повисоки цени. Еднаш на лебот, друг пат на месните производи, трет ден…, па пак одново.

На граѓаните не им останува друго освен да се трудат да го издржат поскапувањето со своите плати кои не идат нагоре како и цените. Како тоа го прават, што превземаат за време на ваквиот наплив на скапотија?

-Намалувам со купувањето. Еве ви еден пример, порано имав навика барем еднаш на две недели да купам сувомеснато, шунка или слично, сега тоа не го правам, а и месо малку намалив. Купувам и поевтин леб, ни одговори постара аеродромка.

-Дома пиеме многу јогурт. Сега по поскапувањата исто така си пиеме, ама едно литро помалку купуваме, а вода во купеното си додаваме, низ смеење објасни средовечен човек кого го затекнавме во маркет во Кисела Вода.

-За јадење уште не штедам. Не е до таму дојдено, ама старите износени кондури многу ќе ми се добри и за следните години. Ќе штедам и на облека и на излегување во кафани, ни објасни помлада жена која со детето влегуваше во книжара – ни додаде „школарец е, тука сега ќе видам какви цени ме чекаат“.

-Одам од маркет во маркет, барам каде се најефтини производите што ние дома ги конзумираме. Два саати ми поминуваат за да испазарам две ќесиња. Ваму едно купи, онаму друго купи – за да заштедиш 40 до 50 денари. Тешко време дојде, ни коментира друга скопјанка.

Скоро сите соговорници ни истакнаа дека стравуваат од цените на електричната енергија, од цените на парното, горивата…, а сите без исклучок велат:

-Владата мора посериозно да се бави со ублажување на скапотијата.

А ќе направи ли така премиерот сосе министрите? И нека кажат искуство министрите како тие се снаоѓаат во скапотијата.

Да, граѓаните се навикнати на „снаоѓање“, ама нели кризата уште ќе се развива не подготвуваат токму властите? Затоа мора брзо нешто да се презема од Владата.

ПС. За потсетување: Пред два месеци излезе податок дека за не цел ден биле издадени вкупно 15.700 рецепти за антидепресивот – Диазепам…

Претходна вестЗошто комисистите избегнуваат јавна дебата со релевантните македонски историчари?
Следна вестЗемјотрес во охридско