Снежна бура во САД и Канада, 38 лица настрадани

Најмалку 38 лица починаа како последица од снежната арктичка бура која ги зафати САД и Канада. Според властите, 34 лица загинале во САД, најголемиот дел од нив во Бафало во сојузната држава Њујорк, додека четири жртви се случиле во Канада кога автобус се превртел на замрзнат пат.

Оваа снежна бура, која е една од најголемите во поновата историја, се протега од Канада па се до реката Рио Гранде на југот на САД. Според метеоролозите се очекува јачината да се намали во следните неколку дена, но и понатаму остануваат на сила препораките да се избегнуваат патувања кои не се неопходни.

Веќе неколку дена бурата предизвикува хаос, а дел од погодените градови останаа без струја. Над милион луѓе останаа без струја, илјадници летови беа откажани, а повеќе од 55 милиони Американци се наоѓаа на локации каде беше издадено предупредување од властите за опасност од ниски температури.

„Циклонската бомба“, која настанува кога драстично опаѓа атмосферскиот притисок, предизвикува голем снежен нанос и силни ветришта. Според гувернерката на Њујорк, Кети Хошул, ова е една од најужасните бури кои го погодиле Бафало.

„Ова е како одење во воена зона, а бројот на автомобили покрај патиштата е шокантен“, изјави таа за новинарите синоќа.

Покрај во Њујорк, смртни случаи поврзани со бурата се регистрирани и во Вермонт, Охајо, Мисури, Висконсин, Канзас и Колорадо. Температурите во Јужна Флорида паднаа на толку ниско ниво што можеле да се забележат смрзнати игуани кои паѓаат од дрвјата.

Западната сојузна држава Монтана беше најпогодена од студот и таму температурите паднаа до -45 степени целзиусови.

Според експертите ваквите температури можат да предизвикаат мрзнење на кожата за само 5 или 10 минути. Оштетувања на кожата настанува кога е намален крвотокот, најчесто во прстите на рацете и нозете, носот.

Претходна вестТешко повреден малолетен мотоциклист
Следна вестКовачевски уверува: Не функционирам под уцени