Снимени мистериозни звуци во стратосферата

Во стратосферата на Земјата се снимени нискофреквентни звуци со мистериозно потекло. Ги снимиле балони на соларна енергија кои лебдат во тој појас на Земјината атмосфера. Даниел Бауман и неговите колеги од Сандија нешнал лабораторија (Sandia National Laboratories) во САД мереле инфразвучни сигнали, односно звуци со толку ниска фреквенција што се нечујни за човечките уши, со помош на балони на соларен погон кои лебдат на надморска височина од 20 километри над површината на земјата, пишува „Њу саентист“ (New Scientist).

– Кога пред многу години почнавме да летаме со балони, не знаевме што ќе слушнеме. Научивме како да ги препознаваме звуците на експлозии, падот на метеорите, авионите, грмотевици, бурите и градот. Но, речиси секогаш кога испраќаме балони, пронаоѓаме звуци што не можеме да ги идентификуваме, истакнува Бауман.

Американските научници направиле балони широки околу 7 метри од тенка пластика. Балоните ги наполниле со прав од дрвен јаглен кој се загрева на силно сонце и што прави балонот да лета. За разлика од метеоролошките балони, кои се креваат додека не пукнат, овој тип на балон со соларен погон може со часови да лебди во стратосферата, носејќи инфразвучни сензори на стотици километри. Истражувачите поставиле повеќе од 50 балони во текот на седум години, почнувајќи од 2016 година.

Стратосферата звучи сосема поинаку од површината на Земјата, според анализата на податоците што ги собрале во тој период. На Земјата, инфразвучните сензори собираат сигнали отфрлени од ветровите надолу, но балоните лебделе над тие ветрови и забележале траги од турбуленции во другите делови на атмосферата и инфразвучни звуци од морските бури.

Сепак, Бауман вели дека многу инфразвучни сигнали од стратосферата немале очигледно потекло.

Студија поврзана со тие мистериозни звуци во стратосферата беше претставена на 11 мај на состанокот на Акустичкото друштво на Америка во Чикаго.

Претходна вестЛевицата: Герасимовски го продолжува проектот на ДПМНЕ за масакр на Водно
Следна вест18-годишно момче пукало во случајни минувачи во САД, убиени неколку лица