Со хармониката ќе компонирам сопствени ора во македонски стил

 Претходно, ретко некој да му зборувал за тоа да почне да вежба да свири на некој музички инструмент. На хармоника, уште помалку. Но, пред четири години, кога Јован Василевски имал само десет години, се случило нешто неочекувано. Тој со своите родители бил поканет на една прослава во ресторан каде што свирела жива музика. Случајноста сакала да седат веднаш до музичарите кои што ги забавувале гостите.

-Вниманието ми го привлече музичарот што свиреше на хармоника. Ми беше многу интересно како свири и колку убав звук дава хармоника. Цела вечер го гледав и слушав како свири, а потоа му пријдов и поразговаравме. Ми објасни како се свири на хармониката. Почнав и да пребарувам на интернет да гледам и слушам како свират врвни музичари. Потоа на моите родители им реков дека имам желба да свирам на хармоника. Тие веднаш ме подржаа и ми купија мала детска хармоника и почнав да одам на приватни часови и да вежбам. Така почна се…, ни раскажува 14-годишниот Јован Василевски, ученик во скопското основно училиште „Невена Георгиева-Дуња“ од Кисела Вода.

Напредокот во свирањето, благодарение на поуките кои ги добивал од професорите и на секојдневното вежбање, веднаш се почувствувал.

-Можам да кажам дека хармониката е моја прва љубов. Нејзиниот звук ме прави среќен, радосен, весел… Заради тоа и не ми е тешко да вежбам и по 2-3 часа во текот на денот. Кога се прави нешто со задоволство ништо не ми е тешко, потенцира овој музички талент.

Последен настап имал на неодамнешното одбележување на 55-годишниот патронат на своето училиште кое го носи името на хероината од НОБ, Невена Георгиева-Дуња. Гостите срдечно го поздравија неговиот настап, исто како што биле поздравувани неговите настапи и на други манифестации. Досега Јован настапувал на општински музички натпревар на кој го освоил првото место, а бил и трет на натпреварот „Јас сум талент“. Тоа е само почеток по кој ќе следат и настапи на други натпревари.  

-Свирам исклучиво народни ора и песни бидејќи сакам да ја негувам македонската народна музика. Не можам да одвојам ниту една композиција бидејќи секоја си е убава на свој начин. А прво оро кое сум го научил, добро се сеќавам, „Беровка“, ни вели тој.

Јован ветува дека и во иднина ќе продолжи музички да се образува, а потоа и да компонира сопствени ора.

-Ќе ја негувам македонската народна музика. Таа има прекрасни песни и ора. Имам и голема желба да направам сопствени ора кои ќе значат и продолжување на нашата музичка традиција. А во меѓувреме, насекаде ќе ја промовирам македонската народна музика, ни рече Јован.

Музиката дава друга смисла на животот

Јован ни вели дека чувството кога се свири на инструмент е величенствено, убаво, прекрасно.

-Поради тоа посакувам и моите врсници да свират на некој инструмент. Музиката ти дава друга смисла на животот, а тоа чувство може да го доживее само оној кој свири на некој инструмент, нагласува овој талент.