Со кого ќе дебатира Маричиќ за евентуални уставни измени?

Власта упорно го пее нивниот најнов хит – „Уставот, Уставот да се смениии…“. Песнава со овој рефрен е сеприсутна, министриве ги разлеваат нотите во секоја прилика. Тоа било главниот проект на Македонија. Уште оваа песна народот во Македонија да ја отпеел и после бриселски рајски песни ќе слушал.

Други приоритети Македонија во моментов нема ли, за вака сложно власта да запее и и нив да ги реши? Кој ритам ќе го изберат министрите за песните околу инфлацијата, лошото здравство, корупцијата… оставаме на нив, нека тргнат во блуз ритам, може пак турбо – фолкот им е помил, само нека ги запеат тие песни. И граѓаните со радост ќе им се приклучат.

Ама министрите запнале хитот па хитот за уставот да се пеел. Еве вчера вицепремиерот Бојан Маричиќ најави дека уставните измени во текот на следните неколку недели или месеци ќе бидат „актуализирани на дебати со граѓанските организации и експерти“.

Што е целта на тие дебати? Правење хор за нивниот хит погласно да се разлее низ Македонија?

Кога власта правела реални дебати и прифаќала што мисли населението? Референдумско изјаснување не беше заобиколено во Македонија? При фамозната реформа за образование на Царовска не се изјаснија сите релевантни институции дека таа треба да се преработи? И, беше тоа уважено?

Сосема друго е прашањето ако бидат избрани соодветни граѓански организации и експерти и песната хорски се запее „Уставот, Уставот да се сменииии…“.

Но, нели требало да бидеме единствени, сите заедно? Така вели премиерот Димитар Ковачевски.

-Да бидеме единствени за членство на Северна Македонија во Европската Унија. Да покажеме единство, бидејќи тоа е влог во градењето просперитетна иднина на граѓаните и на државата, изјави и вчера премиерот.

Ајде нека покажат желба за правење единство – иако тоа требаше да се покаже пред да го прифатат ултиматумот за уставни измени. Сепак, еве, со вистински дебати (ако ги организираат) може ќе тргне некако работава кон посакуваното единство. Оти инаку и практично е невозможно тие да диригираат, тие да солираат, тие да свират, тие текст да и напишат… а песната заедничка на сите да е. Освен ако не им е целта сите останати во Македонија заеднички-единствено да ракоплескаат на нивното музицирање.

Инаку, власта полека во хит ја претвора и другата нивна песна: „До 2030 година во ЕУ ќе влеземееее…“

Музикални се нема што. Ама на Македонија не и е до песна…

Претходна вестВМРО-ДПМНЕ: Градоначалникот на Крива Паланка не е достоен да ја врши функцијата
Следна вестДеветмина возачи поминале на црвено, осуммина зборувале на мобилен телефон…