Со моите иновации се фокусирам на тоа животот на човекот да се олесни

Секој млад човек кој има амбиции за креативно учење и иновации, треба својот талент да го искаже преку било која своја иновативна идеја, вели шеснаесетгодишниот Филип

Временската прогноза, желбата да се знае „какво ќе биде времето утре“, стана неодминлив дел од човековото живеење. Таквите вести луѓето најчесто ги дознаваат преку социјалните медиуми, но зошто секој човек не би имал и сопствена метео-станица? Таква една можност ја создава 16-годишниот Филип Милевски, ученик во втора година во средното училиште „Панче Арсовски“ во скопска Автокоманда. На неодамнешните собири на македонските иноватори – Макинова и Еконова  – тој се здоби со „Бериновата награда за млади иноватори“ за проект „Мини метеоролошка станица“. Се работи за мала метео-станица чие правање чини само 200-300 денари, но дава податоци за температурата, влажноста и притисокот на воздухот (може и за врнежи) и работи на сончева енергија. Податоците од станицата се испраќаат до компјутер, од каде пак може да се постават на интернет и да се видат било каде во светот.

– Поради ниската цена и лесното монтирање, вакви микро-метеоролошки станици може да се постават во секакви објекти. Податоците може да се користат за сопствена потреба, но може и да се поврзат во мрежа, да се разменуваат и да се добијат голем број на податоци за тоа какво е времето, па и климата. Ваква мрежа на податоци може да биде поврзана дури и со Управата за хидрометеоролошки работи. Поставени на интернет, секој ќе може да ги види промените во времето, а во подолг рок и на климата, ни објаснува Филип.

Ова не е прв проект при кој до израз дошол неговиот талент за иновации. Изработил, на пример, „генератор на наизменична струја” со кој добил прва награда на натпревар за млади физичари, потоа „движење на нервен импулс во телото” на натпреварот по народна техника, „движење на планетите во сончевиот систем” на натпреварот по географија и др. Изработил и „прекинувач на допир”, „брава која се отвара со пин код”, „прекинувач кој се вклучува преку интернет…

-Со моите иновации, се фокусирам на тоа како може животот на човекот да се олесни, да се автоматизираат некои од секојдневните обврски на лесен и евтин начин. Секој млад човек кој има амбиции за креативно учење и иновации, треба својот талент да го искаже преку било која своја иновативна идеја или поточно „од идеја до реализација”, вели тој.

Фукип повикува младите иноватори и таленти да бидат многу повеќе поддржани од училиштата и од разните институции и да не се оставени самите на себе.

-Тоа би било поттик за уште поголеми практични достигнувања, бидејќи целта на образованието не треба да е само теорија, туку и практични резултати, ни кажа овој млад талент.

Интерес за сончева енергија

Во иднина сака да се занимава со нови технологии и иновации базирани пред се на информатички и интернет технологии.

-Мој интерес е и бесплатната сончева енергија (претворена во електрична преку соларни панели) и разни начини на нејзино искористување. Всушност, најголем дел од работите што ги осмислувам и реализирам, за своето функционирање ја користат сончевата светлина, објаснува Филип.

Претходна вестНаселението на Кина се намали за првпат по 1961 година
Следна вестПолицаец тврди дека добил два шамари од градоначалникот на Крива Паланка