Со мојот есеј стасав до „бронза“ во Јапонија иако имаше 28.217 натпреварувачи

Најважно е да сакате нешто да правите, ако имате голема желба може се да се научи, вели седмооделенката Лара

 За мене животот е патување од кое нема враќање, а целта на ова патување е да помогнеме животот на сите суштества на нашата единствена планета Земја да продолжи. Животот е оган. Да не дозволиме оганот да згасне… Сето ова било порака содржана во напишаниот есеј на седмооделенка Лара Станчева од основното училиште „Лазо Трповски“ за кој неодамна беше наградена во Јапонија. Таа го освои третото место на Меѓународниот литературен натпревар за млади кој традиционално се одржува во јапонскиот главен град Токио. Натпреварот е во организација на УНЕСКО и фондацијата ГОИ од Токио и се одржува во рамките на одбележувањето на „Деценијата на Обединетите нации за одржлив развој на образованието“. Овој глобален проект активно се вклучени сите земји-членки на УНЕСКО. Наградата е освоена во силна конкуренција, на натпреварот учествувале 28.217 учесници од 161 земја кои пишувале есеи на тема „Смислата на животот“.

Талентот за пишување кој што го има Сара одново излегол на површина.

– Пресреќна сум што јас успеав со мојот есеј ,,Оганот на животот“ да ,,допрам во срцата на жирито“ – како што велат тие. До ова дојде благодарение на мојот наставник по германски јазик проф. Стефан Симовски кој веќе десет години макотрпно и посветено работи да ја афирмира нашата земја на овој важен натпревар, ни вели Лара.

Ова не е единствена награда која таа за своето пишување до сега го добила. Лани освоила прво место на тема ,,Што сонуваат децата“ на конкурсот по повод 44 годино постоење на општина Карпош. Прво место на тема ,,Какви ти се мислите таков ти е животот“ на конкурсот по повод празникот ,,Св. Кирил и Методиј“ организиран од библиотека ,,Браќа Миладиновци“. Освоила и второ место на Меѓународниот литературен конкурс во чест на ,,Св. Климент Охридски“.Лара има и интересен хоби: изработува вештачки мушици за риболов според традиција која потекнува од античка Македонија и е стара повеке од 2.000 години. Со тоа веќе се натпреварувала во Германија при што последниве три години е прва во конкуренција од 96 деца.

-Најважно е да сакате нешто да правите, ако имате голема желба може се да се научи. Талентот помага полесно и побрзо да напредувате, но ако сте мрзливи и немате цел во животот, талентот пропага. Само со упорна работа и дисциплина се постигнува поголем успех, ни вели таа.

Дванаесегодишната Лара додава дека ги сака сите предмети, како историја, биологија, географија. Посебно сака да учи и странски јазици бидејќи од патувањата со родителите сфатила колку е тоа важно.

На прашањето како се замислува во иднината ни одговара дека сака повеќе работи.

-Сакам да патувам и да им помагам на другите. Кога бев мала сакав да бидам архитект и правев куки од Лего-коцки. Сега со короната би сакала да правам лекови да нема повеќе вакви пандемии. Би сакала да научам да работам повеќе професии, а не една, од областа на медицина и информатика, искрено ни вели таа.

Исклучителен афинитет кон пишаниот збор

Менторот професорот Стефан Симовски ни вели дека откако го причитал есејот на Лара верувал во успех во Јапонија.

-Таа има исклучителен афинитет кон убавиот пишан збор. Рака на срце, откако го прочитав есејот на Лара потајно верував во успех. Дури во октомври годинава и реков: „Лара, те известувам дека се пласираше во финалето, но очекувам дека ќе освоиш награда“. И многу сум среќен што прогнозата ми се оствари. Ова е досега најголем успех на Македонија на овој натпревар за ученици до 14 години. Нашето училиште редовно учествува и досега сме освоиле две награди, но оваа „бронза“ има златен сјај, ни рече Симовски.

Претходна вестКаровски и „Магијата на Шопен“ во четврток во Филхармонија
Следна вестИма ли лек за возачите без дозвола низ Скопје?