Со нашата апликација на време ќе се откриваат пожарите во Амазонија, Сибир…

Стојан, Симеон и Лука

На сите добро ни е познато дека илјадници квадратни километри шуми годинава изгореа во големите пожари кои ги зафатија Амазонија и Сибир. Една од причините зошто пожарите добија толкави размери беше и во тоа што не беа рано откриени. Односно, беа откриени дури тогаш кога веќе беа раширени и кога веќе беше тешко да се запрат. Причина за доцното откривање беше во тоа што луѓето немаа увид во тоа дека некаде на ова големо пространство почнал да гори огнот. Но, доколку се примени проектот зад кој стојат тројца млади скопски студенти шансите за рано откривање на пожарите ќе бидат значително зголемени. Нивната апликација неодамна доби и посебно признание. Беше првонаградена на натпреварот NASA Space Apps Challenge 2019 што е глобален натпревар на оваа американска вселенска агенција и кој се одржува секоја година во повеќе од 80 земји, на 230 локации и со 29.000 учесници.

Тројцата студенти на прва година на ФИНКИ – Стојан Делиников, Симеон Маркоски и Лука Јовановски, во тимот кој го нарекле „Ignis“, односно, „Оган“ во превод од латински, беа најдобри во конкуренција на 30 тимови и на 117 учесници.

-Ова е хакатон, односно, маратон за програмери, графички дизајнери, дизајнери на интерфејси и други соработуваат на софтверски проекти. Имаше неколку категории како, на пример, Earths Oceans, Our Moon, To then Stras…Ние се натпреварувавме во категоријата Leaving Our World, а наш понатамошен предизвик беше Spot that Fire V2.0, ни објаснуваат тројцата студенти.

Стојан, Симеон и Лука наведуваат што е суштината на нивниот проект.

-Пожарите, како непогоди, не мотивираа да најдеме решение да ги спречуваме уште во најрана фаза со нова технологија и апликација кои користат вештачка интелигенција и машинско учење. Ние направивме вештачка интелигенција – софтвер за камери, кои користат машини за учење за откривање на сите класи на пожар во шумите. Камерата ја снима шумата во живо. Ако започне пожар, софтверот ќе го открие пожарот и ќе го означи со зелени рамки, потенцираат тие.

При ова, со конкретен процент се одредува точноста на пожарот и веднаш потоа камерата испраќа сигнали до базите на пожарникарите за тие да можат брзо и ефикасно да одговорат на пожарот. Освен ова има и апликација која ќе испраќа сигнали до сите корисници кои се близу до пожари. Апликацијата ќе има и мапа на обележани места каде има активен пожар.

-Сега треба да го посетиме свемирски центар „Кенеди“ на Флорида каде ќе ја презентираме својата идеја заедно со победничките идеи од натпреварите во други земји. Ова беше наше прво заедничко учество на ваков тип натпреварување во област на програмирање. Претходно сме учествувале на еден бизнис натпревар. Среќни сме што нашата идеја им се допадна на организаторите. Се надеваме дека еден ден и ќе почне и да се применува, ни рекоа овие млади таленти.

Вселената како предизвик
Стојан, Симеон и Лука ни рекоа дека се уште е рано да се каже на која област ќе и се посветат.

-Искрено, се уште е рано да се каже дека може да се пронајдеме во таква многу непозната област како што е вселената. Но, сепак. многу не интересира и затоа се пријавивме на овој натпревар да помогнеме при гасење на пожарите не само во Македонија туку и во целиот свет, потенцираат тие.