Со општата кампања ги кријат конкретните локални проблеми

Колумна на Никола Тасев:

Помина уште едно „врело лето“. Скопјани пак се бањаа во пот наместо во нови ветени базени. И минатите лета беше исто. Кандидатите, кои станаа градоначалници пред четири години, во кампањата, кога се ловеа гласовите на скопјани, ветија многу. Но, граѓаните на Скопје по четири години, се чувствуваат „избањати” и од локалните и од централните власти од многуте нереализирани ветувања. А не беа ветувани само базени, цели книги полнеа во планови и проекти, ама…
Сега, на половина сме од новата кампања за локални избори, а се уште не видовме никаков извештај: што направиле, колку пари потрошиле за тоа, зошто некои проекти што беа ветени не се направени. А најголем дел од сегашните градоначалници, повторно се кандидираа за да продолжат со раководењето на локалната самоуправа. Барем во кампањава можеа да кажат збор-два како отчет за досегашното.
И што би рекол Премиерот Заев – ОДОЗГОРА НА ТОГА – повторно ветуваат многу! На отчетноста заборавија, но ветувањата како папагали ги повторуваат. Истите од пред четири години. Што ли си мислат? Дека гласачите имаат кратко паметење? Но, да оставиме граѓаните сами да оценат дали ќе ги казнат или ќе им опростат, мене сега зборот ми е околу новите ветувања.
Пак слушаме расфрлање на зборови и цифри: толку милиони евра за ова, толку за тоа, онолку милиони за она. До толку многу ја воопштија кампањата, што не ги видоа конкретните проблеми во градовите што сакаат да ги раководат. Или пак ги гледаат, ама не им одговара уста за нив да отворат.
Очекував на пример, Шилегов да застане пред Луна парк и да каже: „ова го ветив, но не успеав да го направам. Сега ветувам дека за две години децата овде ќе може да си играат и тоа ќе го чини Градот толку и толку пари.” Точка! Конретен проблем – понудено решение, рок за завршување и сума. Исто може да го направи и со тунелот под Кале, но и со десетици нови проекти што сега ги ветува. Ќе повторам: конретен проблем – решение, рок за завршување и сума на чинење!
Очекував и дека кандидатите од власта здружено ќе се сликаат пред некоја гасоводна цевка и ќе објаснат зошто не е реализирано главното заедничко ветување на сите нив од пред четири години: Гасификација – веднаш! Да се извинат што ете испадна дека е лажно ветување и да кажат со конкретни рокови кога во домовите во Битола, Прилеп, Штип, Тетово… навистина ќе протече гасот. И колку ќе чини тоа. А оние од Битола и Штип можеа да се сликаат и пред ветените Клинички центри, прилепскиот кандидат пак можеше пред обиколницата или пред ветениот затворениот пазар.
А во помалите општини пак, проблемите се можеби помали, но за тамошните граѓани се огромни. И наместо, како што личи на локална кампања, кандидатите и лидерот да им објаснат конкретни решенија за здравствени домови, училишта и градинки, за улици, за чиста вода, најчесто им нафрлаат отприлика вака: ветуваме дека во овој мандат ќе изградиме две училишта, три градинки, 300 км патна мрежа и за тоа ќе потрошиме 20 милиона евра. Многу убаво за слушање, но и премногу општо. А бре кандидату, а бре лидеру покажете слика, локација, проект, рок на завршување и цена на чинење. Ама вака ви е полесно – ќе добиете аплауз и овации од вашите што дошле на партискиот собир и сврти ја темата кон НАТО, ЕУ, па дека помагате во локалната самоуправа… и терај во другата општина. Пак истото – општо и што е можно поукрасено, помпезно… а откако ќе ги добиеш гласовите…
Затоа пак, за десетина дена граѓаните пред гласачките кутии ќе можат, што би рекол Заев – со пенкало да добијат правда…