Со пишување песни и приказни го чувам мајчиниот говор што е најзначајно за секој од нас

Ние имаме толку убав и мелодичен јазик, богат со зборови и изрази што навистина нема потреба да користиме странски изрази или некои чудни кованици, вели Ведрана

 Кога била сосема мала со сестра и постојано измислувале песни кои ги пееле на родителите. Всушност, уште тогаш повеќе сакала да измислува песни и приказни отколку таа да ги слуша приказните што сите ги знаат. Потоа, кога тргна на школо, кога се описменила, почнало и нејзиното другарување со творењето. Во прво одделение ја напишала песната насловена како „Ролетна“. Зошто токму „Ролетна“? Затоа што сакала да биде оригинална, затоа што дотогаш никој не напишал песна посветена на ролетна… И така почнува нераскинливата врска меѓу сега 17 годишната Ведрана Петрова, ученичка во трета година во скопската гимназија „Јосип Броз Тито“ и убавиот пишан збор.

Резултат на таа силна врска во изминативе десетина години се бројни награди и признанија кои Ведрана ги добила за свои прозни и поетски творби учествувајќи на разни конкурси и натпревари. Во сето тоа силно и помогна негувањето на правоговорот и правописот, внимавањето на акцентот, на дикцијата во нејзиното семејство, учествона училишни приредби, читање проза, рецитирање на посезија, членување во литературни секции…

Мојата поезија и проза е со разновидна тематика. Честопати во фокусот на моето творештво и интерес се деца и лица од ранливите категории оставени на маргините на општеството. Овие лица заслужуваат поголемо внимание од наша страна. На пример, и ден денес на 22 март повеќето ја слават пролетта, а јас тој ден го нарекувам ден на шарени чорапчиња и го славам денот на луѓето со Даунов синдром, дури и песна имам напишано за нив, ни објаснува Ведрана.

Додава и дека милува да пишува и раскази кои скоро секогаш на крајот имаат поучен заклучок. Инспирацијата за расказите ја црпи од секојдневните случувања, од училиште, од однесувањата во друштво, од се….

Понекогаш знам со текст или расказ суптилно да им укажам на луѓето околу себе на грешките што ги направиле. Секако дека за убаво пишување е потребно да се има некоја жица од предците, многу ми е драго што јас ја наследив од мајка ми. Талентот е божји дар или го имаш или го немаш, но мора да се надградува, за да се пишува мора и да се чита, да се истражува, понекогаш ги оставам творбите да постојат и ги заборавам, а потоа се изненадувам што сум напишала и или ги досредувам или завршуваат стуткани во корпата за отпадоци, ни вели овој млад талент.

Пред три години почнала и со учества на меѓународмни фестивали и натпревари. Со песната „Таа- мојата Македонија“ освоила второ место на Меѓународен фестивал „Душко Трифуновиќ“ во Нови Сад, со песната „Миладиновци“, освоила второ место на Х Меѓународен фестивал „Михал Бабинка“ исто така во Нови Сад., освои општинска награда на Кисела Вода на конкурсот врзан за творештвото  на А.С. Пушкин, лани освои прва награда со песна „Љубов за навека“ по повод Денови на холокаустот, награда на Маџирмаалски поетски бранувања, награда на фетивали во Гостивар и во Тетово, па се до „13-ноемвриската“ награда на Градот Скопје.

Зачувувањето на својот мајчин јазик е најзначајното нешто за секој од нас. Ние имаме толку убав и мелодичен јазик, богат со зборови и изрази што навистина нема потреба да користиме странски изрази или некои чудни кованици кои ни се наметнуваат под притисок на социјалните медиуми. За жал, тоа е реалноста и јас сум само една капка во море која упорно се труди да го зачува правописот и правоговорот. Можеби некој ќе помисли дека сум вообразена но, јас не се допишувам со оние што не знам и не сакам ги пишуваат слеано, ниту со оние кои „хејтаат“ или го користат зборот „секад“ во својот секојдневен говор, потенцира Ведрана.

Ќе останам верна на уметноста

Чувствувам дека мојата иднина ќе биде поврзана со некоја уметност, книжевна или драмска, но мора да бидеме реални дека живееме во време кога иднината не можеме да ја скроиме по сопствените желби. Како и да е, знам дека ќе останам достојна на мојот стремеж да го сакам и негувам мајчиниот збор и вредностите, а каде и да ме однесе животот поезијата ќе остане мојот издувен вентил, ни вели младата соговорничка.

Претходна вестСнегот ќе паѓа и денеска, температурата до максимум -4 степени
Следна вестНе патувајте ако немате голема потреба: На патиштата има остатоци од снег и мраз, забрани за товарни возила