Со посети на гробиштата и молитви за починатите се одбележува Духовденска Задушница

Со молитви, посети на гробиштата каде им почиваат блиските и други обичаи, православните христијански верници денеска и утре го одбележуваат верскиот празник Задушница. Задушница е денот во кој според народните верувања душите на покојните предци и блиски доаѓаат од оној свет кај своите блиски барајќи од нив храна, пијалак, затоплување, чистење…

Главното одбележување на овој празник кој во народот се нарекува Духовденска задушница се случува утре бидејќи овој празник секогаш се одбележува во денот сабота. Тоа е ден кој му претходи на големиот празник Слегувањето на Светиот дух кој се одбележува задутре, во недела. Слегувањето на Светиот дух е празник востановен во спомен на славното исполнување на ветувањето за Христовото испраќање на Светиот Дух врз апостолите. Духовден е денот роденден на црквата, денот во кој Светиот Дух се симна на апостолите 50 дена по воскресението и од кога црквата ја започна својата мисија. На тој ден – Педесетица – Црквата упатува молитви за оживотворување со Светиот Дух на сите живи, но денот го посветува и на спомнувањето на починатите и се моли и за нив. Свети Василиј Велики, којшто ги составил умилителните молитви на вечерната на Педесетница, во нив говори дека Господ најмногу во тој ден благоволи да прима молења за умрените, дури и за оние коишто се „држени во адот“.

На Задушница се оди во црква каде што се служи литургија и парастос. Помен за починатите на гробиштата се прави со молитва, пченица и лепче осветено со црвено вино. Пченични зрна симболично означуваат дека умрените ќе воскреснат “тоа што го сееш ти нема да оживее ако не умре” (Кор.15,36), а вино и леб го претставуваат Христос кој се принел за спасение на луѓето и уништување на смртта. Освен ова, верниците им даваат и милостина на сиромашните во име на покојните и се молат за покој на нивните души.

Наспроти обичаите на гробовите да се носи и раздава огромно количество храна, од Македонската православна црква апелираат дека смислата на овој ден е во молитвата, а жртвата треба да се ограничи на варена пченица, вино и леб.

Поради Задушница, денеска и утре, во периодот од 6 до 16 часот, на гробиштата во Бутел, Камник и во Ѓорче Петров, каде се очекува зголемен интензитет на сообраќајот, од страна на Одделението за безбедност на патниот сообраќај ќе бидат преземени посебни мерки за безбедно и непречено одвивање на сообраќајот во посочените реони.