Со строг пост и во слава на Чесниот Крст се празнува Крстовден

Православните христијански верници денеска го слават празникот Крстовден, еден од најголемите празници на Православната Црква, наречен уште и како Воздвижение на Чесниот и Животворен Крст. Тој симболизира победа на христијанството над сите царства, култури и цивилизации, празник на христијанското општество кое опстојува низ вековите благодарение на непобедливата сила на Крстот, празник чија благодатна утеха ги поткрепува сите христијани, кои и денес поднесуваат прогони и страданија.

Овој празник е директно поврзан со два историски настани. Првиот се случил во IV век и зборува за чудесното пронаоѓање на Чесниот Крст на Господ Исус Христос од страна на светата царица Елена, мајката на светиот и благоверен цар Константин Велики. Вториот настан, пак, зборува за победата на византискиот цар Ираклиј над персискиот цар Хозрој во VII век. Во таа прилика Крстот бил вратен во Цариград, зашто претходно тој бил земен како плен од Ерусалим, тогаш кога градот бил освоен од Персијците.

Обиколувајќи ја Светата Земја Св. царица Елена намисли да го побара Чесниот Крст на Христос. Некој старец Евреин, по име Јуда, единствен знаеше за местото каде што се наоѓаше Крстот, па принуден од царицата изјави дека Крстот е закопан под храмот на Венера, којшто на Голгота го подигна царот Адријан. Царицата нареди и го разурнаа оној идолски храм, па копајќи во длабочина најдоа три крста. Додека царицата беше во недоумение како да го распознае Христовиот Крст, покрај местото поминуваше поворка со мртовец. Тогаш патријархот Макариј рече да ги полагаат крстовите редум врз мртовецот. А кога го ставија врз него третиот крст, покојникот оживе. По тоа познаа дека е тоа вистинскиот Христов крст, чесен и животворен. Потоа го положија врз една болна жена и жената оздраве. Тогаш патријархот го крена крстот за да го види сиот народ, а народот со солзи пееше: „Господи помилуј!“ Царицата Елена направи ковчег од сребро и го положи во него Чесниот Крст. Подоцна, кога царот Хозрој го зазеде Ерусалим, многумина ги одведе во ропство, а Крстот Господов го однесе во Персија. Во Персија Крстот лежеше четиринаесет години. Во 628 година грчкиот цар Ираклиј го победи Хозрој и со слава го поврати Крстот во Ерусалим. Влегувајќи во градот царот Ираклиј го носеше Крстот на своите плеќи. Но одеднаш застана и не можеше да зачекори ни чекор. Патријархот Захариј виде ангел којшто му попречуваше на царот во раскошни облеки да оди под Крстот, по оној пат по којшто Господ одеше бос и понижен. Тоа видение патријархот му го објави на царот. Тогаш царот се слече, па босоног и во бедна облека го зеде Крстот, го изнесе на Голгота и го положи во храмот на Воскресението, на радост и за утеха на целиот христијански свет.

Во народните верувања, на денот кој се нарекува Крстовден, се смета дека сите молитви ќе се остварат.

Според народните верувања од Крстовден почнува есента. Се вели дека денот и ноќта се крстосуваат, а температурата почнува да се намалува.

 

Од Крстовден почнува гроздоберот, а првото откинато грозје мора да се однесе во црквата, за да се освети. Почнува и сеидбата на зимските житни култури.

На Крстовден највозрасните жени во домот е потребно да испечат специјален обреден леб, украсен со голем крст на средината. Лебот се раздава, кога целото семејство е на масата и се вели Крстец крст да боли мене, крст да не боли. Се смета дека со овие зборови луѓето се штитат од болки во грбот за време на работа.

На Крстовден се почитува и строг пост – не треба да се јаде ништо црвено како пиперки, домати, ’родокви, црвени јаболка и друго. На трпезата освен обреден леб задолжително треба да присуствува печена тиква и грозје. Во народните верувања се вели дека сите молитви ќе бидат слушнати на овој ден.

 

Претходна вестБез струја дел од општина Карпош
Следна вестСиљановска Давкова: Мојата држава Република Северна Македoнија ги исполнува меѓународните обврски