Со црви отпадниот стиропор ќе го правиме ѓубриво за земјоделието

Секоја година во светот како отпад – во почвата и во водите – завршуваат 2,3 милијадри килограми на стиропор. Тоа е оној лесен, бел материјал кој што најчесто се употребува како најразлична амбалажа. Откако ќе се употребува, се фрла, а при своето долго распаѓање делува мошне загадувачки. Заради сето ова, идеата да се направи отпадниот стиропор – корисен материјал, е голем предизвик. А токму во таков предизвик сега се впуштиле четворица средношколци од скопската гимназија „Орце Николов“. Тимот наречен „Бионери“ (билошки пионери) – Иван Пешев, Кристина Попова, Стефан Малиновски и Мартин Ристоски, и нивниот ментор проф. Лилјана Коловска Џугуманова – стојат зад проектот наречен „Еколошко разградување на стиропор“, кој доби и поддршка од Фондот за иновации за и практично да почне да се развива.

– Идејата за овој проект произлезе од дискусија за загаденоста на глобално ниво, и за неискористеното откритие дека брашнарските црви можат да конзумираат и разградуваат стиропор, притоа создавајќи ѓубриво кое е корисно за примена кај растенијата, ни објаснува Кристина Попова.

Практичната реализација на проектот ќе стартува од октомври,и тој ќе трае вкупно 6 месеци.

-Во првиот месец на проектот, ќе создадеме живеалишта за црвите, заедно со системот за набљудување и контрола. Во текот на следните 4 месеци, ќе се собираат податоците за црвите, кои ќе бидат во контролирана средина. Последниот месец ќе биде посветен на анализа на податоците како и правење понатамошна стратегија за примена во иднината. На крај ќе биде изработен извештај преку кој ќе се претстават резултатите. Целиот процес ќе биде снимен и фотографиран, потенцираат и останатите членови Иван, Стефан и Мартин.

Во овие живеалишта – терариуми ќе се одржуваат контролирани услови во однос на температирата, циркулација на воздухот. Ќе има вкупно четири живеалишта со комбинации на поголема и помала влажност и светлина за да се дознае кои се најоптимални услови за „производство“ на ѓубривото од страна на ларвите на брашнарските црви. Односно, ќе се дознае во какви услови даваат најголемо количество на ѓубривото со разградување на стиропорот. Инаку, оваа особина на црвите, како и сознанието дека стиропорот не врши никаква разлика врз нивното здравје, е откриена при ограничени истражувања од 2015-та година. Но, досега не се извршени истражувања кои ја откриваат нивната ефикасност.

-Сакаме и практично да покажеме како стиропорот, како некорисен и штетен отпад, се претвора во продуктивна материја потребна за природата – ѓубриво. Со намалувањето на отпадот се редуцира степенот на загаденотста на околината и воздухот. Тоа ни е на сите во интерес, наведуваат учениците од скопската гиманзија.

Подготвени и за нови проекти
Учениците ни најавуваат дека и во иднина ќе продолжат со слични проекти.
-Се надеваме дека амбициозноста, креативноста и досегашните постигнувања – посебно овој и минатогодишниот проект ќе служат како мотивација за учества во многу понатамошни проекти и воедно остварување на нови идеи, порачуваат тие.