Со уредувањето на „дивиот паркинг“ ќе се реши проблемот со паркирањето кај Зелено пазарче

Постигнат е договор со кој ќе се реши проблемот со паркирањето околу Зелено пазарче што беше причина за неколкудневните протести на пазарџиите, информира ЈП Паркинзи општина Центар. На средбата на градоначалникот Саша Богдановиќ со претставници на пазаџиите, на ПОЦ Центар и на „Скопски пазар“ договорено е во текот на март да се уреди „дивиот паркинг“ позади „Зелен Пазар“. Тој паркинг моментално е во хаотична состојба и не е функционален ниту за жителите ниту за корисниците на услугите на Скопски пазар.

На ова неуредено паркиралиште ЈП ПОЦ ќе постави нов систем за контрола на влезно-излезни рампи. Односно, едниот дел ќе биде наменет за товарните возила на пазарџиите, а останатиот дел ќе биде резидентен паркинг за жителите од ул. „11 Октомври“ и бул. „Кочо Рацин“. Со отворање на ова паркиралиште, паркиралиштето „Аутомакедонија“ целосно ќе се ослободи од товарните возила и ќе им овозможи на жителите брз и лесен пристап до нивните домови, соопштија од ПОЦ.

Општина Центар во координација со пазарна инспекција ќе ја преземе одговорноста за дивите пазарџии на паркиралиштето кај „Аутомакедонија“.