Собрание на Алијансата за Албанците: Даути избрана за генерален, а Јајага е новиот организациски секретар

Илире Даути е избрана за генерален секретар, а Тирон Јајага за организациски секретар на четвртото централно Собрание на Алијансата за Албанците што се одржува денеска во Скопје. Пред почетокот на Собранието, лидерот на партијата Зиадин Села изјави дека на дневен ред ќе биде избирање на органите на партијата, а ќе се дебатира и околу политичката ситуација во државата.

-Ќе дебатираме околу политичката ситуација креирана после грубото кршење на легитимитетот, на волјата на граѓаните изразен со денот на гласањето. Ќе има и одлуки за кои ќе бидете информирани откога ќе заврши централното Собрание. Точка на дневен ред исто така ќе биде и избирање на органите на партијата. Ќе се избира централното претседателство на партијата од тесното претседателство, како и органите на партијата, изјави Села.

Во однос на тврдењето на Арбен Таравари дека ги има партиските печати, Села одговори дека уште се чека на исходот во врска со печатите на партијата.

-Вие сте ги слушнале изјавите на Тараври дека вршиме притисоци. Јас прашувам кој е тој што врши притисоци? Алијанса за Албанците не врши притисоци. Таравари тврдеше дека партијата не е печатот, седиштето или возилата кои ги има партијата, туку народот. Сега, кога ги загуби и членството и народот преку гласови, и на претседателски и на парламентарни избори, кога загуби во неговата општина, на неговото гласачко место, вели дека ги имал печатите на партијата. Оваа партија не е формирана од фотељи. Оваа партија е формирана преку членството на партијата, преку активизам во секое село, населба, изјави Села.

Според Села, самиот факт што во програмата на Владата нема ниту еден збор од програмата на Влен, докажува дека Алијанса за Албанците не е во коалиција со Влен, туку таму е само Таравари. Села додаде дека целта е Тараври да стане министер за здравство и да ги остварува неговите лични интереси и интереси на луѓе кои го опкружуваат.

Села додава дека Таравари разрешува директори Албанци, укинува договори на граѓани кои носат плата дома а од друга страна, посочува, приоритет му е паркингот во Клиничкиот центар.

Претходна вестНови кадри во здравството: Ѓорѓиевски во „Св. Наум Охридски“, Арсова во Клиника за психијатрија, Костовски на Дигестивна хирургија
Следна вестВо Македонија има само околу 50 задруги, а во Европа еден земјоделец е член на три или четири задруги