Не може да се продолжи ни одлуката за кризна состојба во дел од Македонија донесена за заштита од илегална миграција и заштита на јавното здравје во услови на постоење на пандемија прогласена од Светската здравствена организација бидејќи се поднесени над 400 амандмани од партиите на Зијадин Села и Африм Гаши.
Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска повика на разум кај сите оние кои како што рече, од хир, ја блокираат работата на Собранието поради што не е можно да се обезбеди ниту кворум, ниту пак да се донесе некоја одлука или закон.
Тој како пример ја посочи оваа предлог- одлука која е прва точка на дневен ред на утрешната седница која пак нема да се одржи бидејќи ВМРО-ДПМНЕ го условуваат кворумот со барање да се расправа за три, наместо за 30 точки, колку што се на дневен ред на оваа 36 седница.
Џафери рече дека овие над 400 амандмани на оваа одлука, која треба да ја продолжи претходната, чиј рок истекува на 31 март, се одговор на Алијанса за Албанците и Алтернатива на блокадата со стотици амандмани од ВМРО-ДПМНЕ на нивниот предлог за закон за државјанство со кој бараат државјанството да се докажува со два сведоци.
Инаку, утрешната седница е одложена бидејќи ниту владејачкото мнозинство не може да собере кворум, двајца пратеници се во изолација поради ковид.