Собранието денеска во рамки на 64. седница се очекува да ја констатира оставката на претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, а на дневен ред на седницата е и интерпелацијата за работата на Републичкиот Јавен обвинител – Љупчо Коцевски, поднесена од опозициската Левица. Според најавите, седницата се очекува да ја води претседателот на Собранието Африм Гаши, кој по здравствените проблеми од минатата недела првпат ќе седне на спикерското место.
Засега се знае дека за интерпелацијата ќе гласаат пратениците на Левица, СДСМ се изјасни дека се против, лидерот на ЗНАМ Максим Димитриевски изјави дека нивните пратеници ќе ја поддржат интерпелацијата, додека ВМРО-ДПМНЕ се уште не соопштила како ќе се изјасни, а ДУИ најави дека тоа ќе го направат денеска.
На новинарско прашање во врска со тоа како ќе гласаат пратениците од ВМРО-ДПМНЕ за интерпелацијата на Коцевски премиерот Христијан Мицкоски вчера кажа дека како политичка партија и тој како човек не ги менуваат ставовите преку ноќ.
-Јавноста ќе види утре, но ние како политичка партија и јас како човек не ги менувам ставовите преку ноќ, одговори Мицкоски, во изјава за медиуми по отворањето на базен во ООУ „Невена Георгиева- Дуња“ во општина Кисела Вода.
Левица во интерпелацијата доставена до претседателот на Собранието, Гаши, посочува дека ја поднесуваат поради непочитување на уставните и законските обврски.
-Интерпелацијата ја засноваме на следниве индиции, факти и правно-релативни наводи: селективни кривични истраги за трагедијата во Кочани, логистички влијанија врз работата на Јавното обвинителство, функционален хаос во Вишото јавно обвинителство-Скопје, непостапување по службена должност за дивоградбите на урбаната мафија во Скопје, се вели во интерпелацијата објавена на веб-страницата на Собранието.
Додаваат дека од почетокот на мандатот на јавниот обвинител Коцевски „во Јавното обвинителство владее нефункционална и токсична атмосфера, неажурност во постапките, а забележани се и надворешни политички влијанија врз неговата работа“, за што сметаат дека е одговорен Коцевски.
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски во петокот достави писмен одговор на интерпелацијата поднесена од пратениците Димитар Апасиев, Борислав Крмов, Реџеп Исмаил, Јована Мојсоска, Амар Мециновиќ и Сашко Јанчев. Во неа, тој наведува дека функцијата ја врши чесно и одговорно, со максимално почитување на начелата на транспарентност и отчетност, дека интерпелацијата е законски недозволена и дека институцијата е предмет на неосновани напади и тие се причина за ниската доверба во јавноста.
Во писмениот допис тој посочува дека иако поднесената интерпелација е недозволена согласно закон, фактот што подносителите без никаков аргумент бараат негова одговорност, покажува дека оваа интерпелација е политички, а не правно заснован инструмент со кој се овозможува упад во самостојноста на Обвинителството.
-Постапката за одговорност на јавниот обвинител на РСМ е уредена со Законот за јавното обвинителство и не предвидува можност за политичка одговорност каква што е интерпелацијата. Тоа е така за да се гарантира функцијата јавен обвинител кој раководи со единствен и самостоен орган, независен во постапувањето и одлучувањето. И покрај тоа, на интерпелацијата ѝ се дава третман како на секоја друга постапка за одговорност на политички функционер, што покажува недоволно разбирање на подносителите за самостојноста на третата власт, пишува Коцевски во писмениот допис до пратениците.
Независно од тоа, државниот обвинител во продолжение на документот дава одговор на четирите точки кои Левица ги наведе како клучни причини за поднесената интерпелација – селективност во истрагата за пожарот во Кочани, политичко влијание во работата на Обвинителството, функционален хаос во Вишото јавно обвинителство Скопје и непостапување по службена должност за дивоградбите во Скопје.
Во однос на обвинувањето за селективност во истрагата за Кочани, и за невклученост на актуелни функционери во неа, Коцевски вели дека Обвинителството постапува исклучиво врз основа на доказите кои ги има, а притоа осомничените не ги дели по партиска, етничка или која било друга припадност.
-Се постапува за сите за кои се обезбедени докази – и против сопствениците и поврзаните лица со дискотеката, и против обезбедувањето, и против сите одговорни лица во неколку институции кои со своето постапување или непостапување овозможиле таа дискотека да работи толку години. Се постапува и против припадници на МВР, високи полициски функционери, и тоа не во ‘предистрага’, како што неточно се наведува во интерпелацијата, туку во фаза на истрага во рамките на која тие активно се истражуваат и им се определени мерки на обезбедување. Во уште неколку други институции и за други лица продолжуваат и натаму дејствија додека не ја испитаме целосно линијата на одговорност, посочи Коцевски.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:



