Народното собрание на Република Српска синоќа усвои предлог-одлука за пристапување кон усвојување нов Устав на Република Српска, јави РТРС.
За одлуката гласаа 50 пратеници, седум беа против, а двајца пратеници беа воздржани.
Претседателот на Собранието на РС, Ненад Стевандиќ, најави дека денеска во 10 часот ќе започне следната, 20-та посебна седница на Собранието и предложи на дневен ред по итна постапка, да се најдат Нацрт Уставот, како и предлог-законот за заштита на уставниот поредок на РС, на предлог на претседателот на РС, Милорад Додик.
Со донесувањето на одлуката, Комисијата за уставни прашања на Собранието е должна во најкраток можен рок да го подготви текстот на Предлог-уставот на РС и да го достави до Собранието.
Претходно, премиерот на Република Српска, Радован Вишковиќ изјави дека новиот Устав на Република Српска ќе биде во согласност со Дејтонскиот мировен договор и дека институциите на Република Српска се подготвени да разговараат со претставниците на бошњачкиот и хрватскиот народ за да ги заштитат правата и слободите на овие народи.
-Господа, не пропуштајте го овој историски момент, Република Српска има право да одлучува за новиот Устав, рече Вишковиќ за време на собраниската расправа.
Вишковиќ додаде дека не е проблем да се задржат Советот на народите и потпретседателите на Република Српска во новиот Устав, туку дека мора да се утврди што претставува витален интерес и дека веќе нема можност за злоупотреба.
-Ние сме имале само злоупотреби. Некој кој себеси се нарекува потпретседател на Република Српска, без разлика од која нација доаѓа, мора да ги штити интересите на Република Српска, рече Вишковиќ.