Вознемирачки се плановите со кои се најавува откажување од изградбата на пругата кон Бугарија што е дел од Коридорот 8 и парите да се пренасочат кон линијата кон Грција, оцени денеска бугарската Влада.
Во владиното соопштение се наведуваат заклучоци од Европската унија и декларација од Самитот на НАТО во Вашингтон и по што бугарската Влада смета дека ваквите планови на македонскиот кабиент ја „ослабуваат колективната безбедност на Алијансата“
-Владата на Бугарија ги следи со растечки вознемирувачки изјави и декларации на официјални претставници на Република Северна Македонија насочени кон кршење на меѓународните обврски во областа на инфраструктурното поврзување, вкл. со пренасочување на европските фондови за изградба на железничката компонента од Коридорот 8 во друг транспортен проект. Потсетуваме дека Република Северна Македонија во повеќе наврати ја презеде и потврди својата посветеност за инфраструктурно поврзување на двете земји, вклучително и Коридорот 8 – на пример во Договорот за добрососедство од 2017 година и неговите протоколи од 2019 и 2022 година, Меморандумот за разбирање меѓу Албанија, Бугарија и Северна Македонија од октомври 2021 година, заедничката декларација на Албанија, Бугарија, Италија и Северна Македонија од ноември 2023 година , декларациите од Самитот на НАТО од јули 2024 година итн, наведува официјална Софија.
Се додава дека трансевропскиот Коридор 8 не само што ја поврзува Република Северна Македонија со Бугарија, туку има за цел да ја зголеми геостратешката автономија на ЕУ.
-Таа, исто така, станува клучна логистичка рута долж јужното крило на НАТО од Јадранот до Црното Море и е од големо значење во сегашниот геополитички момент. Неуспехот да се изградат основните компоненти на Коридорот 8 ја ослабуваат колективната безбедност на Алијансата, вели бугарската влада во денешната реакција.
Таа наведува дека на крајот на 2023 година, делницата Крива Паланка – Деве Баир беше назначена од ЕУ како еден од шесте водечки проекти на стратегијата „Глобал портал“ и финансирана со над 500 милиони евра грантови и заеми. И ја повикува македонската влада „одговорно и со добра волја да пристапи кон сите преземени обврски и договори со цел навремена изградба на делниците од трасата на Трансевропскиот Коридор 8 на нејзина територија“.