Сојуз на средношколци: ДИЦ има право на штрајк, но државна матура мора да има

Правото на штрајк е секако уставно загарантирано, но правото на образование исто е дел од Уставот, соопшти Сојузот на средношколците. Оваа асоцијација на средношколците ја потсетува јавноста дека одржувањето на државната матура е законска обврска и оттука македонската држава е должна истата да ја спроведе во законски предвидениот рок.

-Законот за средното образование го смета одржувањето на матурскиот испит на крајот од секоја учебна година за должност на институциите. Како што кажавме и порано, ако не се одржи државната матура, ќе се создадат огромни проблеми за оваа генерација матуранти кои планираат да студираат во високото образование. Можното неодржување на државната матура најмногу ќе им наштети на матурантите кои планираат да студираат во странство, а според нашите анализи овој број изнесува 12 отсто од секоја една генерација. Токму затоа ја потсетуваме јавноста на нашиот ангажман во месец март за соодветно адаптирање на државната матура во интерес на сите средношколци и го повторуваме нашиот апел возрасните да не ја доведуваат иднината на овие матуранти под прашање, стои во соопштението на средношколците.

Сојузот на средношколци ги известува матурантите и целокупната јавноста дека, според информациите со кои располагаме, најверојатно ќе се успее во напорот првиот екстерен испит да се полага на 27. мај, впрочем како што и е планирано.

-Сојузот ова го поздравува. Апелираме на разумност и сериозност и ги повикуваме надлежните државната матура да ја одржат во веќе одредените рокови, потенцираат од таму.

Претходна вестПо големиот пожар мостот кон „Ист Гејт“ затворен за сообраќај
Следна вестОсумкратниот убиец од Младеновац ги откри мотивите за злосторството – „Правеа заговор против мене“