Сообраќајците се свртеа кон пешаците

Пет пешаци кои поминале коловоз вон пешачки премин и пет пешаци кои поминале коловоз на црвено светло вчера биле санкционирани од страна на сообраќајната полиција. Ова е значително зголемување на бројот на изречените казни од страна на полицијата во однос на просекот во изминатиов период. Вообичаено, од дневните полициски извештаи се гледа дека полицијата дневно санкционира по 4-5 пешаци.

Зголемениот број на казнети пешаци доаѓа по минатонеделното значително зголемување на повредени пешаци на скопските улици. Само за шест дена, во периодот од 23-ти па до 28-ми ноември на градските сообраќајници имаше дури пет настрадани пешаци. Еден е загинат, а останатите биле потешко и полесно повредени. 

Инаку, возач на патничко моторно возило и сопатник биле тешко повредени, а дванаесет други лица полесно во вкупно 17 сообраќајни незгоди што вчера се случиле на скопското подрачјеОд СВР Скопје информираат дека вчера сообраќајната полиција санкционирала и исклучила од сообраќај тројца возачи кои го управувале возилото пред да се стекнат со право на управување моторно возило и пет нерегистрирани возила.

Казнети биле и четворица возачи кои поминале на крстосница на црвено светло и еден возач за неправилно престигнување. Со помош на  специјалното возило „пајак“, отстранети биле 63 возила.