Совет за македонски јазик: Да се прогласи „Културен комплекс Блаже Конески“

Советот за македонски јазик покрена иницијатива родната куќа на Блаже Конески во Небрегово и училницата во селското училиште каде учел прво одделение да се прогласат за „Културен комплекс Блаже Конески“. Ова е воедно и одлука од последната седница која Советот, симболично ја одржа во спомен-куќата во Небрегово.

Како што објаснува претседателот на Советот професор д-р Људмил Спасов, ова наиде на поддршка од прилепскиот завод и музеј и со тоа наследството на кодификаторот на современиот  македонски јазик, Блаже Конески, се подигнува на повисоко ниво, а со тоа и зголемувањето на интересот за изучувањето на македонскиот јазик.

-Го активираме самото место за студенти, ученици да доаѓаат на екскурзии, ја активираме училницата во училиштето каде Конески го има завршено првото одделение и предлагаме, со поддршка на прилепскиот Завод и музеј, овој комплекс да се нарече „Културен комплекс Блаже Конески“. Со тоа ќе се поткрене уште повеќе значењето на Конески и ќе биде повисоко рангирана државна институција во рамките на културата и на културната дејност. Наидовме на целосна поддршка и  очекуваме следниот чекор дека ќе придонесе, се разбира со дозвола на надлежните, и за обнова на црквата во Небрегово на која ѝ е посветена неговата песна „Црква“, вели Спасов.

Тој додаде дека во собраниска процедура влезе Законот за употребата на македонскиот јазик и влезе со едногласна поддршка.

-Во овој закон е ново што ќе има инспекторат кој ќе се грижи за употребата на стандардниот македонски јазик и вработување лектори во сите јавни установи, а и во приватните установи сите документи што ги пишуваат ќе мора да поминат лектура. Тоа ќе овозможи зголемување на интересот на младите луѓе, особено да добиваат стипендии за изучувањето на македонскиот јазик. Преку законот се обидовме да отвориме втор пазар за идните македонисти, а тоа е преку културата и преку примената на македонскиот стандарден јазик, објаснува Спасов.

За година и половина треба да излезе новиот Правописен речник што прецизно ќе објасне како се пишуваат, изговараат и акцентираат зборовите во македонскиот јазик.

Претходна вестПриведени се две лица, сакале да градат паркинг кај поликлиниката Бит Пазар
Следна вестОбвинителка Трајчева побара Рашковски да биде осуден, обвинетите професори да добијат забрана за вршење професија