Спасовски: Ќе има одговорност за давање плати на тие што не доаѓале на рабата

Ако имало недоследности, ако имало давање плати на тие што не доаѓале на рабата, ќе одговараат, нема да има отстапки. Треба да се стави крај на политиканството, изјави денеска Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи во однос на случувањата во скопското јавно претпријатие „Комунална хигиена“. При денешната посета на затворот „Идризово“ тој така одговори на новинарско прашање врзано за изјавата на скопската градоначалничка Данела Арсовска дека се откриени триесетина случаи на вработени кои земале плата, а работеле во Германија.

Спасовски информираше дека МВР поднело кривична пријава за насилство за случајот во кој еден работник ЈП „Комунална хигиена“ беше нападнат од колегите затоа што решил да собира смет, наместо да штрајкува со нив.

– Денеска ќе биде доставен записникот од инспекторатите да ги видиме нивните наоди и во коориднација сме со Обвинителството и доколку се утврдат елементи за кривично дела, за дел од оние кои придонесоа можно е да бидат поднесени кривичини пријави. Секоја кривична мора сериозно да биде обработена и да се преземат мерки кои се предвидени. Тука не станува збор за ништо друго освен за тоа како што предвидува законот, рече Спасовски.

Спасовски посочи дека нема да има отстапки за никого и најави кривични пријави.

– Навистина ниту Скопје, ниту граѓаните не го заслужија ова што се случи изминатите денови. Еколошка катастрофа која го загрозува здравјето и животот на граѓаните. И без да навлегуваме во причините – ова е катастрофа. Најмалку сакам превирања да влијаат на животот на граѓаните. Ние вчера очекувавме и мислам дека денеска треба да биде доставен записникот од Инспекторатот за животна средина, комуналниот инспекторат, инспекторите на Град Скопје, за да ги видиме нивните наоди. Во координација сме со обвинител. Ако има елементи за кривично дело, за сите сторители кои допринесоа главниот град да се дави во смет – можно е да бидат поднесени кривични пријави, кажа Спасовски.

Претходна вестМаж физички ја нападнал сопругата во Тетово
Следна вестТокарев: Очаен блеф на Владата е дека РМ ќе плаќа отштета од милијарда долари, ако не се отвори „рудникот на смртта“ во Иловица!