Спасовски тврди дека полицијата го спречила инцидентот кај „Скендербег“, но дали ја имаше доволно за да тој воопшто не се случи?

Полицијата го спречила синоќешниот инцидент кај плоштадот „Скендербег“ изјави денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Тој покажа и фотографија на која се гледа реакција на полициски службеник кон лицето со пиштол и други лица кои фрлаа шишиња и камења кон граѓаните во протестната колона која синоќа поминуваше под надвозникот кај ТЦ „Мавровка“. Според него, полицијата спречила инцидент кој можел да има поголеми размери.

– Ќе видите дека полицијата го спречила инцидентот и тоа поголем број на полициски службеници. Погледнете ги видеата коишто беа објавени од медиумите и од нас. Еве само една слика ќе ви покажам кај што полицијата интервенира на лице место. Апсолутно можеше да дојде до многу поголеми последици. Не треба да дојде до ова секако. За да не дојде до ова секој еден граѓанин мора да знае дека мирни протести мора да бидат, рече Спасовски кој беше во посета на Идризово.

Министерот, сепак, не објасни дали на просторот на којшто се случи иницидентот имало и доволно полицајци како превенција од некој инцидент за кој можеше да се процени дека има опасност да се случи. На објавената видео-снимка која се појави на социјалните мрежи се гледа како инцидентот започнува кога неколкумина млади луѓе почнуваат да фрлаат со камења и шишиња кон граѓаните од горниот дел на надвозникот. Во тој момент таму има само двајца полицајци кои не успеваат да ги спречат. Инцидентот потоа се префрли на долното плато каде поголема група на напаѓачи масовно почнаа да ги гаѓаат граѓаните. И таму, се гледа на снимката, немаше доволно полицајци за да ги спречат напаѓачите на колоната.

Фото: ФБ на министерот Оливер Спасовски

Претходна вестИнцидентот кај „Мавровка“ почна кога протестната колона беше нападната со шишињата и камењата од надвозникот
Следна вестАнкета на ИПИС: 72,8 отсто од етнички Македонци не го прифаќаат францускиот предлог