Завршен е содржинскиот дел од Спортско – адреналинскиот парк во Карпош, при што деновиве се очекува да се изврши технички прием и пуштање во употреба на оваа зелена и рекреативна зона, соопштија од скопската општина Карпош.
Паркот кој се протега зад карпата за планинарење ќе има адреналински дел, игралишта за фудбал и одбојка на песок, детско игралиште, сквер, обновен скејт парк и нова урбана опрема. Во паркот се засадени и 70 висококвалитетни дрвја, украсни растенија, а поставен е и систем за наводнување.
Минатиов период се одржаа и потребните обуки на лицата кои ќе бидат задолжени за адреналинскиот дел. Претставници од Македонската спортска – качувачка федерација поминаа тридневна обука, под мониоторинг на сертифицирана фирма според ЕН 15567 стандардот. На овој начин, се гарантира безбедноста на граѓаните кои би се рекреирале во адреналинскиот дел.
Изградбата на паркот е финансирана преку грант од Европската унија во рамки на Проектот за локална и регионална конкурентност во висина од 620.000 евра. Од буџетот на Општината за реализација на проектот се одвоени околу 80.000 евра.