По малку срамежливо и најмногу со донации по скопските општини сепак почнаа да се садат нови дрвја додека се уште трае есенската сезонска можност. Во Карпош се садат 450 дрвја од кои 300 ореви кои се донација на Факултетот за земјоделство и храна. Околу 60 дрвја се засадија во Аердором како дел од регионална акција во повеќе главни градови со помошна Европскиот фонд за Балкан а во Кисела Вода новите садници во паркот „Шопен“ и во Драчево ги донира Цементарница…
Би се кажало поодбро и така отколку есенската сезона целосно да се испушти – каква што беше тенденцијата. Да се надеваме дека и скопските општини и самиот Град додека уште трае есента ќе покажат дека и тие мислеле на нови садници и од свои буџети одвоиле средства за таа намена. Па нели зелена престолнина ќе биде Скопје?
Но, не смее ниту да запре одржувањето на садниците и зеленилото. Сведоци сме дека многу пати се случува новите садници или да се исушат или да се украдат. Докторот Никола Пановски во интервјуто во последниот број на „Скопско ехо“ наведе пример во кој тој и група граѓани купиле и засадиле 22 дрвца пред нивната зграда.
-По седум дена беа останати девет, а по еден месец ниту едно. Сите беа украдени, истакна Пановски.
Тој пример доволно кажува каков однос се има од дел од граѓаните кон новите садници и како тие градот не го чувствуваат како свој. А примерите од исушени дрвца кои никој не им ставил вода додека се млади и не пиштиле корени, да ги споменуваме ли?