Срамот се зголеми – министерството за култура пак делеше, но и земаше пари

Министерството за култура, по скандалозното делење на парите за културни проекти, при што ги елиминираше децениските обележја како „Скопскиот џез-фестивал“, „Златно славејче“, Офф фест, направи одново распределба. Овој пат ги врати во игра Златно славејче и Скопскиот џез-фестивал, ама му ги зема парите првично дадени на фестивалот „Денови на македонската музика“.
Иако првично фестивалот, чиј организатор е СОКОМ, доби 1,5 милиони денари, со кои одвај можеше да се покријат трошоците за странските гости – учесници, сега и тие им ги одземаа.
Сони Петровски, претседател на Сојузот на композиторите на Македонија, истакнува дека ваквата одлука доаѓа по нивната јавна реакција за „некомпетентноста и непрофесионалноста на македонскиот дел од Комисијата за музичко сценска дејност, а која била пред сè во знак на поддршка на сите бесправно оштетени уметници и културни дејци“.
-За жал, овој пат, наведените лица веројатно сметаа дека со укинување на поддршката на „Денови на македонска музика“ ќе нè „дисциплинираат“ или „замолчат“. Поради ваквиот развој на настаните и одлуката на комисијата, СОКОМ ќе поднесе соодветен приговор во кој ќе укаже на опасностите од евентуална одлука за укинување на поддршката на македонските композитори и срамот кој ќе треба да го понесат пред нивните меѓународни партнери кои оваа година треба да гостуваат од Германија, Австрија, Швајцарија, Шпанија и Албанија, вели Петровски.
Композиторите се кренаа жестоко на социјалните мрежи, велат наместо корекција во распределбата на средствата, скандалот е уште поголем. Прашуваат како ли во играа останаа оние организации кои добија пари, а се формирани непосредно пред јавниот повик на министерството за да понудат проекти.