СРАМОТА! На 7 дена пред истекот на наметнатиот рок нема налепници за регистарските таблички

Владата на ДУИ и СДСМ како да се специјализира за правење ситуации во кои граѓаните на Македонија ќе бидат нервозни и понижени. Уште трае хаосот со наметнатото менување на личните карти, а еве сега изрежираа нова драма – требало до 12 февруари да се стават налепници на автомобилските регистрации со фамозното „НМК“, ама налепници никаде нема.

-Немаме налепници, не знаеме дали денеска ќе ги добиеме, јавете се деновиве…, ваков одговор утрово одбивме од една од станиците за технички преглед на возилата на подрачјето на скопската општина Карпош.

Еј, на 7 дена пред почетокот на примената на задолжителната обврска вработените не ни знаеа под каква процедура ќе се врши купувањето на налепниците, ниту, пак, кои документи ќе бидат потребни за тоа.

Недозволиво! Срамота!

Од друга страна, од МВР молк околу тоа кога ќе бидат дистрибуирани налепниците. Не се соопштува ниту дали се испорачани од страна на производителот, ниту пак со каква динамика ќе се делат по пунктовите. Нема ниту соопштение за тоа дали граѓаните ќе бидат санкционирани по 12 февруари доколку на нивните автомобили ја немаат налепницата „НМК“ произлезена како наметната обврска откако власта прифати странци да го сменат името на државата.

Колку понижувања ќе и бидат сервирани на македонската јавност? И за ова ли ќе се прават долги редици, за да се спази наметнатиот рок? И за ова ли бившиот министер во МВР Спасовски ќе каже дека виновни се самите граѓани?

Инаку, МВР минатата недела соопшти дека се уште течат роковите со избраниот економски оператор за испорака на налепниците. Договорот, инаку, беше склучен во декември минатата година. Сега, се најавува дека налепниците ќе се испорачат во „текот на оваа недела“.

-Во однос на цената за налепниците, од страна на Министерството за внатрешни работи е изготвен предлог тие да бидат на товар на Министерството, односно да бидат бесплатни за граѓаните, соопштија од МВР кажувајки дека налепниците ќе се продаваат по симболична цена – од 30 до 50 денари.

Логичното прашање е: мораше ли да се чека до последен момент за ова? А логиката наметнува и уште едно прашање: намерно ли се прави овој хаос?

Претходна вестПромена на режимот на сообраќај заради замена на осветлување во тунелот „Стража“ кај Катланово
Следна вестКовачевски на телевизија гледа што се случува во неговата влада