Србите летово во Грција нема да плаќаат роаминг

Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, вчера во Атина изјави дека Србија и Грција следната недела ќе потпишат договор за укинување на наплатата за роаминг.

– Склучивме договор со Грција за роамингот, според кој нашите граѓани кои ќе дојдат во Грција повеќе нема да плаќаат тарифа за роаминг во странство, туку тоа ќе биде локален повик и испраќање СМС пораки, објасни Брнабиќ.

Таа изјави дека министерката за трговија, туризам и телекомуникации, Татјана Матиќ, следната недела ќе допатува во Атина за да го потпише договорот, кој ќе стапи во сила веднаш.

– Како Влада, сторивме сè за да им олесниме на граѓаните кои планираат да патуваат во Грција во текот на летото, истакна Брнабиќ, додавајќи дека му се заблагодарила на грчкиот премиер што еднострано ги признале српските дигитални сертификати за вакцинација.